Што да направите ако шефот ве мрази?

од desk2
215 прегледи

Нема секогаш да се согласувате со сите на работното место, но кога станува збор за шефот, тоа е друга приказна.

Во ваш најдобар интерес е да оформите добри односи со него/неа бидејќи тоа е личноста од која ви зависи кариерниот развој и напредувањето на работното место.

Кога велиме „шефот ве мрази“ секако не мислиме на отворено непријателско однесување за кое постојат механизми за санкционирање, туку дека едноставно не само што не сте омилениот вработен, туку некаде попатно не си оставиле најдобар впечаток еден на друг и не можете да ги согледате вашите добри страни и потенцијалот за успешна соработка.

На крајот на краиштата, шефот е тој кој може да ве промовира или отпушти, да ви даде интересни задачи, да ве пофали на надредените или да ви даде препорака за подобро место.

Што да направите за да ги подбрите односите со шефот?

Не играјте улога на жртва

Ако имате проблеми со шефот, не се жалете за тоа низ канцеларија на кого стигнете. Тоа ќе ви се удри од глава и нема да биде добро за никого.

Ако им се жалите на колегите од шефот, тоа е лошо за вашиот имиџ и вака или онака поплаките ќе завршат кај шефот и тоа дополнително ќе му наштети на вашиот однос.

Мора да бидете внимателни да не озборувате или да ширите гласини дека шефот ве мрази или намерно сака да ви наштети или дека не го користи вашиот потенцијал. Може тоа да ви се оствари.

Гледајте и учете

Сите имаме свој стил на работење и идеалната ситуација е кога и шефот и вработените се флексибилни и отворено разговараат за да најдат решение што ќе ги задоволи барањата на сите засегнати.

Вие ќе треба да преземете поголема одговорност во градењето на односот бидејќи вие сте оној на кој му треба нешто од оваа врска. Набљудувајте и видете кој е стилот на работење на вашиот шеф за да знаете како најдобро да му пријдете.

Некои шефови имаат „политика на отворена врата“, додека други претпочитаат конвенциоално следење на протоколот кога станува збор за комуникација. Едни сакаат да бидат тесно вклучени во процесот на работа, други сакаат да делегираат и да набљудуваат.

Можеби не ви е по ќеиф што имате 20 состаноци за една иста работа, но тоа е методот, прилагодете се.

Обрнете внимание кога шефот пофалува некого или начинот на кој е завршена работата. Тоа не значи дека вие треба од корен да го смените она што сте, туку да видите кои од тие таленти и вештини ги поседувате и можете да ги ставите во фокус кога работите со шефот.

Помогнете

И вашиот шеф има работа, а некогаш и преку глава. Покажете иницијативност и проактивност со тоа што ќе помогнете да се среди барем дел од тие обврски и задачи.
Некогаш не мора да чекате да се натруа работа – кога шефот ќе спомне дека ви следува голем проект, пратете мејл со идеи како можете да бидете од помош.

Не форсирајте

Градењето на врската со шефот, како и секоја друга врска, бара вложување напор и – време. Без разлика дали ја градите од нула или се обидувате да го поправите она што е оштетено, не форсирајте.

Дајте ѝ време на врската органски да се развие и да созрева.

Треба само да ги отворите очите и ушите и да ги „ловите“ вистинските моменти да блеснете во очите на шефот. Потрудете се кога ќе ве види, да има што да гледа.

Слични содржини