Царовска: Бескаматни кредити и субвенции на придонесите како први мерки за економијата

од Aleksandar Todeski
224 прегледи

Коронавирусот е глобална закана за здравјето на граѓаните. Наша примарна работа е да направиме се што можеме да ги заштитиме граѓаните, рече вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска на прес конференција за првите економски мерки во земјава. Таа даде поддршка на здравствените работници, полицијата, пожарникарите, но и на вработените во марктетите и аптеките, како и на сите граѓани кои работат во време на пандемијата поради коронавирусот.

„Покрај здравствените ризици, коронавирусот донесе предизвици за светската економија. Таа трпи засега се уште несогледливи негативни последици. Македонската економија исто така нема да остане имуна, па затоа час поскоро треба да започнеме со мерки за заштита на економијата и компаниите, а со тоа и поддршка на граѓаните. Правевме темелни анализи на можните последици и мерките кои треба да ги преземеме. Заеднички дојдовме со сет мерки. Започнуваме со реализација на мерки за заедно справување. Ќе се балансираат ликвидноста на компаниите и ликвидноста на буџетот“, истакна Царовска.

Вицепремиерката посочи дека ќе се доделуваат кредити на компаниите погодени од кризата со коронавирусот кои ќе бидат бескаматни, а ќе се добиваат преку Развојната банка на Северна Македонија.

„Првата мерка се однесува на директна поддршка за ликвидност на микро, мали и средни претпријатија. Со 5. 7 милиони евра ќе се кредитираат компании поради неликвидност. Кредитите се дизајнирани со голема внимателност, за да може да добијат повеќе фирми. Микро компаниите до 10 вработени ќе можат да земат кредити од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, од 10 до 15 илјади евра, а средните компании од 50 до 250 вработени, од 15 до 30 илјади евра. Овие кредити се бескаматни, а грејс период е 6 месеци и период на отплата е 2 години. Бесплатно е и администрирањето на кредитите“, истакна Царовска.

Вицепремиерката за економски прашања нагласи и дека ќе има субвенционирање на придонесите на вработените во фирми кои се погодени од кризата поради коронавирусот.

„Втората мерка е за делот на исплата на плати. Мораме да го задржиме секое работно место, па затоа обезбедуваме субвенционирање на придонесите за вработените од секторите туризам, транспорт, угостителство и други компании погодени, за месец април, мај и јуни со цел да субвенционираме придонеси по вработен во висина од 50 проценти од придонесите за исплатена просечна плата во 2019 година, со тоа што компанијата да не го намали бројот на вработени, да нема исплатено дивиденда и да нема исплатено бонуси“, рече Царовска.

Владата, рече таа, дава и препорака фирмите со многу вработени да воспостават четирисменско работење по потреба, со цел да има помалку вработени во една смена, како и дезинфицирање помеѓу секоја смена.

„Една од клучните прашања е работењето на погоните и фабриките каде работат поголем број на вработени. Владата препорачува до овие компании да ја организираат работата во смени, по потреба и 4 смени, се со цел да има помалку вработени во смена. Препорачуваме да се дезинфицираат фабриките при пормена на смени.  Заради овозможување на непречен влез и транзит на товарни возила, санитарниот инспекторат преку Макан Транс ќе дава дозволи за влез, со цел да не престане трговската размена, а ќе се влегува согласно протоколот на Министерството за здравство. Започнуваме активни разговори со меѓународните соработници, за да се предвидат наредните предизвици, посочи вицепремиерката Мила Царовска.

Слични содржини