-Барам одговорност за скандалот што доцна ноќеска се случи во Струмица, каде преку злоупотреба на полиција и државни институции ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се обидоа да спречат хумана, солидарна акција за помош на моите сограѓани, напиша на својот Фејсбук профил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по вчерашниот упад на полицијата во магацините на улица „Ѓорги Трајков“ во Струмица каде се пакуваат хуманитарни пакети кои се донација од семејството Заеви.
Тој напомена дека очекува од надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците.
-ВМРО-ДПМНЕ преку полициски структури попречува хумантирна помош за граѓани преку злоупотреба на државни институции. ВМРО-ДПМНЕ со полициски режимски структури синоќа до рани утрински часови вршеше притисок и закани врз волонтери и членови на граѓанска организација.Држеа млади волонтери во полициска станица, им се закануваа, само затоа што некој добил партиска задача и му смета солидарноста. Тоа е одлика на нелуѓе од еден режим којшто одамна го поразивме заедно со граѓаните. И затоа таквите партиски насилници мора да сносат одговорност.
Македонската и струмичката солидарност е голема и ништо нема да ја спречи, најмалку неспособната, режимска ВМРО-ДПМНЕ, напиша Заев.