Аеродромот во Истанбул собори светски рекорд на денот на финалето на Лигата на шампионите

од Vladimir Zorba

Минатата недела, аеродромот во Истанбул опслужи 1.684 летови, што е нов дневен светски рекорд, соборувајќи го претходниот рекорд од 1.624 летови што ги реализираше аеродромот во Франкфурт на 11 септември 2019 година, објави Европската организација за безбедност на воздушната навигација (Евроконтрол).

Според податоците на Еуроконтрол, со толкав број на летови аеродромот во Истанбул (IST) минатата недела остварил раст на дневниот сообраќај за 12 отсто, а тоа, како што велат, „додека љубителите на фудбалот се враќале дома по присуството на финалето на Лигата на шампионите“. што се играше во таа турска метропола, пренесува Хина.

Така, главниот турски воздушен центар, кој веќе е меѓу најпрометните во Европа, во однос на дневните пристигнувања и полетувања, го надмина не само рекордот на Франкфурт од септември 2019 година, туку и парискиот аеродром Шарл де Гол, кој имаше 1.612 дневни летови на 26 август 2019 година и аеродромот во Мадрид Барахас со 1.600 дневни летови на 2 јуни 2019 година.

Еуроконтрол објави и дека финалето на Лигата на шампионите во Истанбул придонело за значително зголемување на дневниот проток на летови во матичните градови на финалистите во Лигата на шампионите.

Така, на миланскиот аеродром Малпенса (домот на клубот Интер), најголемиот меѓународен аеродром во северна Италија, дневниот проток на летови се зголеми за 54 отсто, додека аеродромот Манчестер (домот на клубот од Манчестер Сити) забележа релативно скромен пораст на дневниот сообраќај од пет проценти.

Аеродромот во Истанбул го собори рекордот по број на дневни летови и проток на патници на 30 април, кога опслужил 195.640 патници на 1.301 лет.

Отворен пред четири и пол години, новиот аеродром во Истанбул е поголем од другите два меѓународни центри во тој град, дури и постариот аеродром Ататурк, а служи и како база за воздушно поврзување на Европа и Азија за Туркиш ерлајнс.

Слични содржини