Албанскиот претседател во посета на Прешево и Бујановац

од Vladimir Zorba

 

Албанскиот претседател, Бујар Нишани денеска ќе ги посети општините Прешево и Бујановац во јужниот дел на Србија.

Како што јави дописникот на МИА, во двете општини освен со локалните власти и претставниците на политичките партии на Албанците, ,Нишани ќе се сретне и со просветните работници, по повод 7 март – Денот на албанските учители.

Во фокусот на средбите ќе биде положбата на Албанците во јужна Србија и почитувањето на нивните права, посебно во образованието на албански јазик и култура.

За дочек на албанскиот претседател Прешево и Бујановац се украсени со албански национални знамиња, а поставени се и билборди на кои пишува „Добре дојдовте, престедателе“.

Политичките лидери на Албанците од јужна Србија, посетата на Нишани ја оценија како историска.

Политичкиот лидер на некогашната Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац (УЧКПМБ) и актуелен претседател на Советот на општина Бујановац, Јонуз Муслу вели дека „се оствариле нивните соништа“.

– Конечно се остварија нашите соништа. Доаѓањето на Нишани во Бујановац и Прешево има огромно значење. Тоа е историска посета, посета на милениумот, бидејќи овој век ќе биде век на Албанците, изјави Муслиу, кој во исто време е и претседател на Националниот совет на Албанците во Србија.

Тој додаде дека „за Албанците во Прешевската Долина, претседател е Нишани, а не Томислав Николиќ“ и оти Нишани „не го дочекуваат како претседател на Албанија, туку како претседател на сите Албанци“.

Нишани е прв албански претседател по 69 години кој доаѓа во Србија, по посетата на Белград на тогашниот претседател на Албанија, Енвер Хоџа во 1948 година

Слични содржини