Ампева: Нема крај на сивата економија, работниците пак ќе враќаат дел од платите кај газдите

од Берта Китинска

Пратеницитена на 10.02.2022 година ја изгласаа потребата од носењето на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија. Со предлог законот кој се носи по скратена постапка минималната плата ќе изнесува 18.000. Договорот за покачување на минималната плата ќе почне да важи со исплатата на платата за март , а работниците новиот минималец ќе го добијат на почетокот на април.

Здружението „Гласен Текстилец“ кое од 2017 година беше иницијатор за зголемување на тогашната минимална плата на 12.000 денари, и сега во време на ваква криза и качување на цени на продукти, деривати, електрична енергија, се за покачување на минималната плата. Но, нивната идеја била сосема друг пристап за да се дојде до многу поголемо покачување на платата, но без субвенции.

– Со експерти од својата област, разговаравме за моделот од Црна Гора, ја разгледувавме нивната програма “Европа Сега”, каде од почетокот на 2022, минимална платата беше покачена на 450 евра. Државата се откажа од даноци, но посегна кон прогресивен данок за оние кои имаат, за да даде на оние кои имаат многу помалку, во име на праведност и еднаквост. Беа објаснети методите, целите и е една навистина преубава програма која и те како можевме да ја пресликаме во наши услови. Но, немаше да можат нашите политичари сега да се додворуваат и попуштаат на крупниот капитал, па еве да слушаме небулози од типот, дека се најави ослободување на даноци за најбогатата ИТ индустрија и трговските центри мора да работат во недела поради тоа што не може да се запре производствен процес ?!? Е, црногорскиот модел бара одлучност и строгост, се со цел благосостојба на граѓаните, а таа одлучност ја нема кај нашите политичари, посочува Кристина Ампева за „Локлано“.

Кристина Ампева, една од основачите на „Здружение за заштита на работничките права Гласен Текстилец“ , смета дека нема да има крај на старите приказни од 2017, злоупотреба на државни пари од страна на работодавачи ќе биде и сегашна слика.

– Навремено укажавме за нус појави кои ќе се појават поради одредена политика, но не бевме доволно слушнати, односно, не сакаа да слушнат. И сега велиме, ќе се вратат појавите за враќање на дел од плата назад кај газдите, ќе има проблем со непријавени работници, ќе има исплата под минималец или пријавување од 8 на 4 часовно време, ќе има урамниловка на плати кои ќе направат незадоволство кај поискусните работници и намалена продуктивност, вели Ампева.

Во однос за покачување на платата согласно коефициент и колективен договор, Кристина од Гласен Текстилец потенцира, дека Владата ја отворила пандорината кутија и сега ќе има општ хаос, а сето тоа негативно ќе се рефлектира врз граѓаните.

– Гледаме од УПОЗ, СОНК, синдикатите од јавниот сектор, најава за евентуални протести, штрајкови ако не се покачи платата согласно коефициент и колективен договор. Видете ги проекциите за покачување на плата во образование. Разликата е огромна во плата на моментална плата на наставник и онаква сега согласно покачување на минималецот и почитување на коефициентот. Сето тоа ќе е од буџетот на државата, а ги заборавивме и субвенциите кон приватниот сектор кои ќе се исплаќаат согласно покачувањето на плата. Ние не бевме вклучени, експерти не беа вклучени, беа вклучени членови на Економско – социјалниот совет, велеа, социјални партнери. Епа, сега социјалните партнери дојдоа по своето и си бараат права согласно колективните договори. Дали тоа ќе значи нови кредити и заеми, кои ќе не коштаат нас како граѓани – реално, да. Не сме ние богата држава, а нашиот буџет не е буре без дно. Меѓутоа, има една стара поговорка, баравте – па сега гледајте. И не, нема како да се запрат сите овие појави. Затоа не се прави популизам со вакво важно прашање и политика. Се прави анализа, програма, временска рамка за подготовка и имплементација, па улоги на институциите надлежни за имплементација и мониторинг. Еве ова се нашите проекции како здружение, белки грешиме, но досега не сме. Донесен е и изгласани се измени во Законот за минимална плата и касно е веќе за се. А и се нема волја, клучно, посочува Кристина.

Сива економија на голема врата ни се враќа, а според Ампева и микро и малите фамилијарни фирми, нема да го издржат ова. Капиталот ќе си го најде решението и пак ќе е во плус, а штетата пак ќе падне на грбот на работниците, како и секогаш.


М.А.

Слични содржини