Ангела Меркел ја губи контролата

од desk4

  

 

Зад Ангела Меркел се турбулентни денови. А веројатно и пред неа. И иако германската канцеларка за време на посетата на турскиот претседател се уште наликуваше на „онаа старата“, на внатрешен план таа доживува пораз по пораз.

Горчлива насмевка на лицето. Германската канцеларка не можеше да понуди ништо повеќе при протоколароното ракување со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по заедничката прес-конференција. Пред тоа фотографирање, Меркел успешно ја преброди прес-конференцијата на која рече дека меѓу Турција и Германија постојат големи разлики. Таа не глумеше пријателство таму каде што го нема. Може да се каже дека тоа повторно беше онаа „старата“ Ангела Меркел која кога се занимава со големи прашања од надворешната политика, се потпира исклучиво на интереси, а не на емоции. Канцеларка кој знае како да ја процени ситуацијата и која не може да се заведе, без разлика колку е силен нејзиниот соговорник.

Суверениот настап за време на посетата на Ердоган би требало да и биде од помош. Имено, само три дена пред тоа, можеше да се слушне: „Политичка есен на канцеларката„ или „Демонтажа на Ангела Меркел“. Канцеларката би сакала да ја заборави минатата недела.

Задоцнето извинување

Изминатите осум дена беа пресвртница за неа. Она што Меркел го кажа на 24 септември за однесувањето на поранешниот шеф на Службата за заштита на уставниот поредок, Ханс-Георг Масен, воопшто не се вклопуваше во сликата на таканаречената „тефлон-канцеларка“ од која проблемите практично „се лизгаа“. Контроверзниот Масен првично, со одобрение од претседателите на трите владејачки партии, ЦДУ, ЦСУ и СПД, беше промовиран во државен секретар во Министерството за внатрешни работи и тоа со повисока плата, но по бројните протести, сепак доби нова позиција во Министерството, но со старата плата.

И како реагираше Меркел на сите овие случувања околу Масен ? Премногу се раководеше од потребите на Министерството за внатрешни работи, наместо да има предвид што е во интерес на граѓаните. И после се, уште рече: „Многу ми е жал за тоа“.

Такво јасно признавање на грешка во никој случај не оди со оваа канцеларка. Факт е дека случајот Масен целосно избега од контрола. Извинување во политиката понекогаш можеби и може да значи сила, но во овој случај не е така. Нејзиното извинување дојде предоцна и тоа не е знак на сила, туку признавање на слабост.

Губење на доверба

Додека коментаторите во Германија продолжуваат да разговараат за тоа како да ја протолкуваат ненадејната загуба на репутацијата на претседателката на Владата, Меркел веќе во вторникот (25 септември) се најде пред нов тежок тест. Станува збор за настан за никој не претпоставуваше дека ќе стане „случај“ – а тоа е редовниот избор на шеф на пратеничката група на ЦДУ / ЦСУ во Бундестагот. Одеднаш, по повеќе од 40 години, се појави противкандидат. На досегашниот шеф на групата Фолкер Каудер му се спротивстави Ралф Бринкхаус, во голема мера непознат за јавноста.

Со оглед на тоа што Меркел енергично се залагаше за Каудер, речиси никој не веруваше во негов пораз. Сепак, токму тоа се случи. Канцеларката повторно, по втор пат во рок од 24 часа, мораше да признае пораз.

И тоа болен пораз. Меркел со Каудер не само што изгуби лојален соработник кој и обезбедуваше мнозинство, туку уште полошо е што парламентарната група повеќе не стои толку дисциплинирано со Меркел. Како може канцеларка воопшто да направи нешто, ако не е во состојба покрај себе да ги задржи своите луѓе ?

Крај на самоодлучувањето

И што ако на конгресот на ЦДУ во декември мнозинството и откаже лојалност на Ангела Меркел ? Дали таа, како што очекуваат повеќето набљудувачи, повторно ќе се кандидира за претседател на партијата ? На крајот на краиштата, таа повеќе пати нагласуваше дека претседателот на партијата и канцеларот мора да биде една личност. Ако Ангела Меркел на конгресот добие уште едно предупредување, – или, што во моментов е незамисливо, да ја загуби довербата – таа многу, многу, многу тешко може да остане во премиерскиот кабинет.

Каков заклучок останува на крајот од овие турбулентни денови? На Ангела Меркел најдоцна на почетокот од минатата недела, мораше да и стане јасно дека крајот на нејзиниот мандат не е толку далеку. И доколку мисли дека ќе може сама да го аранжира своето заминување од власта, тогаш треба малку подобро да се информира. Канцеларката очигледно го пропушти времето во кое можеше сама да одлучува за заминување од функцијата. На надворешнополитички план – тоа го покажува посетата на Ердоган – таа се уште ја има контролата во нејзините раце. Но, повиците за обнова кои доаѓаат од нејзините сопствени редови, таа повеќе не може да ги надгласа.

Дојче Веле – Бон

Слични содржини