Ангеловски: Тешко е да им забраниме на гостите на свадбите да не се прегрнат или поздрават, ќе гледаме веднаш да ги насочиме кон масите

од Nikola Popovski

„Задоволството е големо, затоа конечно ќе можеме да работиме“, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на угостителско-туристичката комора при Сојузот на стопански комори, за новите протоколи за одржување на свадбите.

Според него, сепак тие во најмала рака се дискутабилни.

„Должни сме организаторите на свадба (младенците) да бидат детално информирани. Ќе го обезбедиме просторот, ќе ги кажеме сите препорки, но ако од нас се очекува да одиме по луѓето и да ги одделуваме, тоа ќе биде невозможно. Ќе се потрудиме сите мерки да ги запазиме“, додава Ангеловски, гостувајќи во дневникот на ТВ Сител.

Тој потенцира дека многу е тешко да му се забрани на некој да се поздрави или гушне, како што вели една од точките во протоколите за свадби.

„Ние не знаеме во каква сродство се луѓето што ќе бидат присутни. Кога ќе доаѓаат гостите, ќе гледаме веднаш да ги насочиме кон масите“, истакна Ангеловски.

Владата денеска го објави правилата по кои ќе треба да се организира една свадба. Според протоколот на една маса ќе биде дозволено да седат по шест лица. Бројот на гости ќе се ограничи  на 50% од капацитетот на објектот, но не повеќе од 100 лица. На влез задолжително ќе се мери температура. Дозволена е жива музика но, само ако се прави свадба. Музичарите треба да бидат оддалечени најмалку 5 метри од најблиската маса и не смеат да се движат и пеат помеѓу гостите. Дозволено е играње на подиумот со безбеден простор од 4 метри квадратни по лице и со почитување на препорачаната дистанца.

Слични содржини