Апелација објасни: Преполовена казната на Николов оти бил млад и неженет

од Nikola Popovski

Апелациониот суд Скопје информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-349/23 , а по изречена првостепена пресуда на Основниот суд Велес, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ангелчо Николов од Велес за тешката сообраќајна несреќа со смртни последици, делумно се уважува.

Во соопштението на Судот стои дека согласно донесената одлука за сторено кривично дело: Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, од член 300 став 2 в.в. со член 297 1 од Кривичниот законик, на обвинетиот му се утврдува казна затвор во траење од седум години и шест месеци, а за кривично дело: Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, од член 301 став 1 од Кривичниот законик, веќе определената казна затвор со првостепената пресуда од една година се зема за утврдена, па со примена на член 44 за двете кривични дела му се изрекува единствена казна затвор во траење од осум (8) години.

Како дел од причините за намалената казна од 18 години, се наведени дека тој признал вина во судница, се извинил, нема оформено семејство, не е женет и казната ќе му влијае во иднина бидејќи е млад.

Имајќи ги предвид околностите кои се одснесуваат на степенот на кривичната одговорност на обвинетиот и тоа неговата умисла како повиоск степен на вина и неговата свест за противправноста на неговите дејствија, повредата на заштитното добро, особено околноста дека истиот по сторувањето на делото го напуштил местото на настанот и се криел повеќе од 30 часа, а потоа сам се пријавил, ценети во корелација со олеснителни околности, поврзани со личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, односно се работи за млад човек, неженет, фактот што досега е неосудуван и постапка за друго кривично дело не се води, придонесот на обвинетиот за ефикасно завршување на кривичната постапка изразена преку признавањето вина за кривичните дела за кои се товари, изразеното каење, даденото ветување дека нема да го повтори тоа што го сторил, подготвеноста да го промени личниот статус и да се вклучи во нормалните текови на здравото општествено живеење, по мислење на советот на овој суд упатуваат на заклучок дека во конкретниот случај и со изрекување поблага казна затвор односно на единствена казна затвор во траење од 8 години, како и казна – забрана за управување со моторно возило од Б категорија во траење од 5 години, сметано од денот на правосилноста на пресудата, стои во објаснувањето од Апелација.

Николов минатата година на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега со возилото. Притоа мајката на детето се здоби со отворена рана на главата и повреда на потколеницата.

Во обвинителниот акт стоеше дека иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час.

Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало.

Слични содржини