Арсовска се уште тврди дека украсувањето на Скопје се финансира преку јавен повик

од Nikola Popovski

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вчера соопшти дека украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, за кој вели дека беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици. Таа ги сподели јавните набавки на својата официјална Фејсбук страница, но за украсувањето од претходните години.

Оттука, како што вели, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации.

-Разликата сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави, посочува градоначалничката.

Арсовска жали што и покрај апелите за точно, балансирано и вистинито известување, како што објаснува, дел од медиумите се уште одработуваат политички агенди на заборавени „политичари“.

Јавното обвинителство најави дека ќе оформи предмет против градоначалничката Арсовска во врска со потрошените 30.000 евра за украсување, за што не бил распишан тендер. Сепак оттаму велат дека Управата за финансиска полиција е надлежна прва да постапи.

-Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки, велат од Обвинителството.

На веб-страницата на Јавни набавки сè уште не е објавен тендерот за украсувањето за 2023 година.

-Како ќе оправдаат после мандатот, кога ќе треба да платат 300.000 евра за украсување за Нова година? Над 2 милиони евра земале изминативе години. Сега по јавен повик, украсувањето чини 30.000 евра. Ние славиме Божиќ на 7-ми јануари, секоја година во исто време. Јас им ветувам на граѓаните дека следна година од 20-ти септември ќе почнеме да украсуваме, за да биде навремено и да не се чувствуваат дека не сме почнале на време, изјави синоќа Арсовска откако во претходниот период беше на удар на критики од јавноста поради украсувањето на градот.

Според неа, во земјава има посериозни проблеми како „крадење 30 години, приватизација, бркање илјадници луѓе од работа, тоа не е тема на разговор тоа што секој ден му ја цицаат крвта на народот, ама тема била елката зошто била 30 илјади евра“.

Од Град Скопје не кажуваат информации ниту за дочекот на 31 декември. Откако јавноста реагираше дека само во Скопје нема новогодишна атмосфера, Арсовска минатата недела на ФБ напиша дека градот ќе блесне на 15-ти декември.

Слични содржини