Арсовска: Шанкери во МКЦ земале по 750 евра плата месечно

од Stefanija Kuzmanovska

Ревизијата која Град Скопје ја врши во Младинскиот културен центар досега покажала дека минатата година биле склучени над 250 договори за ангажирање луѓе спротивно на закон, без да се потпишат договори за времено вработување или да се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања. Најмногу од ангажираните биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а од вкупниот број договори дури 90 биле со шанкери, кои месечно добивале од 350 до 750 евра.

Ова на денешната прес конференција го изнесе градоначалничката Данела Арсовска, која посочи дека токму сознанијата од досегашната ревизија биле клучни за за функцијата на поранешниот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев.

Арсовска тврди дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати повеќе од 100 000 евра, односно 6,2 милиони денари, кои биле повлекувани без соодветна документација, па како што рече ова „испумпување“ средства некој мора да го објасни, затоа што се работи за сериозна злоупотреба на парите од буџетот на Градот и на граѓаните.

Ревизијата исто така покажала, дека од 40 вработени 12 биле назначени за директори, односно раководители, а имало и сектори каде раководителите не раководеле со никого, освен со самите себе, но земале директорски плати.

Го повикувам Богоев да објасни за договорот со кој бил издаден просторот од 320 метри квадратни по цена од 2,7 евра од квадрат во центарот на градот на компанијата „Пасворд продукција“, на која договорот и завршил во март минатата година – рече Арсовска и посочи дека оттогаш досега нема информации дали фирмата го напуштила просторот и кој стопанисува сега со него.

Градоначалничката смета дека многу лажни вести и неточни информации проциркулирале во јавноста поврзани за последните случувања во МКЦ, дури и протести, но тоа, според неа, нема врска со културата ниту со одбрана на институцијата, туку со манипулациите што ги прави поранешниот в.д. директор за да се заштити себеси.

Таа посочи дека не е точна информацијата дека Богоев бил разрешен туку му завршил договорот според кој бил назначен за вршител на должноста, ниту информацијата дека се скратени 90 отсто од парите во буџетот што на годишно ниво ги добивала оваа институција. Арсовска прецизира дека минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари, а од буџетот за дотации и лани и годинава била издвоена иста сума односно 34 милиони денари.

Слични содржини