Бенкси објави видео за уништување на „Девојче со балон“: На пробите секојпат успеваше

од desk2
137 прегледи

Видеото кое го објави артистот Бенкси го покажува процесот на подготовка за уништувањето на сега веќе култната „Девојче со балон“. Сликата достигна цена од милион фунти на аукцијата на Sotheby’s, пред да се самоуништи пред сите присутни.

Во видеото објавено вчера , насловено како „Shred The Love“, Бенкси покажува како го креира механизмот за сечење хартија во рамката на сликата. Видеото во следниот кадар го покажува моментот кога публиката занеме бидејќи сликата беше уништена пред нивните очи.

„На пробите секојпат успеваше“, пишува на крајот од видеото, додека покажува како сликата се сече целосно до крај.

Сликата беше делумно пресечена откако достигна цена од 1,04 милиони фунти на аукцијата на Sotheby’s на 5 октомври. Бенкси набрзо потоа објави фотографија на неговиот Instagram профил на која се гледаше реакцијата на публиката додека половина од сликата виси расечена низ рамката, со натпис „Going, going, gone…“.

Аукциската куќа Sotheby’s објави дека победникот на аукцијата сепак решил да ја купи сликата по истата цена која ја достигна на наддавањето. Поради тоа што сликата сега е уништена, Sotheby’s реши да ја преименува во „Љубовта е во корпа“.

По крајот на аукцијата можеа да се прочитаат многу шпекулации за тоа дали Бенкси имал намера да зачува дел од сликата недопрена или пак планот бил да ја уништи целата, што би влијаело на цената на сликата во иднина.