Бенкси потврди дека е негова големата статуа што се појави во центарот на Лондон

Голема статуа се појави во центарот на Лондон,за која уличниот уметник Бенкси вчера потврди дека е негово дело.

од Vladimir Zorba
43 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Голема статуа се појави во центарот на Лондон,за која уличниот уметник Бенкси вчера потврди дека е негово дело.

Скулптурата на маж во костум што маршира од пиедестал и носи знаме што му го покрива лицето се наоѓа на плоштад во центарот на Лондон, недалеку од статуите на Едвард VII и Флоренс Најтингејл, како и до Споменикот на Кримската војна, објави Би-Би-Си.

Во хумористично видео објавено вчера на неговиот Инстаграм профил, Бенкси покажа кратки снимки од поставувањето на скулптурата среде ноќ. Скулптурата е поставена во раните утрински часови во среда на постамент на сообраќаен остров на плоштадот Ватерло, во близина на Бакингемската палата.

Пред да го објави видеото уметникот, мештаните и туристите се собраа да ја разгледаат статуата, претпоставувајќи дека е дело на Бенкси бидејќи неговиот потпис беше напишан на основата.

Бенкси на почетокот не беше познат по статуите. Тој беше попознат по своите слики на згради обоени со спреј, а првите креации се појавија на почетокот на 1990-тите во неговиот роден град Бристол, на југозападна Англија.

Оттогаш има дела низ целиот свет, а неговите слики и инсталации се продаваат за милиони долари на аукции. Неговата улична уметност често е цел на крадци и вандали.

Бенкси никогаш јавно не го открил својот идентитет, што е еден вид традиција на уличните уметници, кои го гледаат тајното објавување на нивната уметност како субверзивна форма на изразување.