Бесими: Деветтиот пакет антикризни мерки ќе се финансира од буџетите за 2023 и 2024, средствата се планирани

од Radmila Tasevska

Мерките од деветтиот пакет антикризни мерки кој денеска беше презентиран во Владата се предвидени во Буџетот за 2023 и во Предлог-буџетот за 2024 година и тие нема да се финансираат со задолжувања, туку преку приливи во буџетот од јавни давачи. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска на прес-конференција на која премиерот Димитар Ковачевски ги презентираше мерките од деветтиот пакет антикризни мерки, што претходно го усвои Владата.

-Ова што денеска е презентирано е предвидено во рамки на Буџетот за 2023 и Предлог-буџетот за 2024 година, каде имаме неколку извори на финансирање, односно даночните приходи или финансирање преку задолжување. Овие мерки не се финансираат со кредитирање, затоа што буџетот како што е кроен во 2024 година, задолжувањето, односно дефицитот е понизок од капиталните расходи коишто се на ниво од 733 милиони евра, а дефицитот е на ниво од 545 милиони евра. Од тие 545 милиони евра, скоро 300 милиони евра се за плаќање на камати за вкупното задолжување во досегашниот период, истакна министерот Бесими и додаде дека ние дефакто ова ќе го финансираме од средствата што се приливи врз основа на јавни давачки од страна на граѓаните и стопанството со цел да се направи поддршка и редистрибуција на средствата за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.

Деветтиот пакет мерки што го усвои Владата и што беше презентиран е во износ од 662 милиони евра и е насочен кон поддршка на млади лица, односно ученици и студенти, ранливи категории на семејства, пензионери со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители приматели на гарантирана минимална помош, земјоделци, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција.

Слични содржини