Бибер: Бугарија и да се откаже од блокирање на С. Македонија, Париз може да стане проблем

од Берта Китинска

Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, вели дека ако утре се нормализираат односите меѓу Србија и Косово, тоа не би ја отворило вратата за членство во Унијата за Белград. Тој потсетува дека Северна Македонија не беше наградена за сè што стори за Грција да ја укине блокадата за нејзиниот понатамошен европски пат и дека пораката испратена до регионот во врска со тоа е „заборавете на тоа“.

Тој смета дека доколку се деблокира процесот на проширување на Европската унија, тоа ќе се случи во следните неколку месеци, бидејќи Словенија секако ќе се обиде да го реши прашањето за време на нејзиното претседателство со Унијата, и за таа цел ќе го организира Самитот на Западен Балкан.

Сепак, тој предупреди дека голема пречка за тоа може да бидат претседателските избори во Франција, па дури и ако Бугарија се откаже од блокирање на Северна Македонија, Париз може да стане проблем.

Доколку Бугарија ја укине блокадата по парламентарните избори, тоа веднаш ќе создаде позитивна атмосфера, но не можеме да бидеме сигурни дека нови блокади нема да се појават веднаш, рече Бибер, нагласувајќи дека блокирањето на процесот на проширување го загрозува кредибилитетот на Европската унија.

Бибер посочува дека овој проблем не е едностран, затоа што кога станува збор за Србија и Црна Гора, Европската комисија смета дека двете земји не напредуваат во реформите, а истото важи и за Босна и Херцеговина, па тие се виновни за стоењето во место.

Од друга страна, додава тој, ги имаме Северна Македонија и Албанија, за чија блокада е одговорна Европската унија, така што се дели одговорноста за ќор-сокакот, но треба да се каже дека „фактот што треба да се отворат пристапните преговори со тие две земји, не значи дека со нив се во ред“.

Слични содржини