Битиќи со порака од Франкфурт: Предвидливост и силна подршка за инвеститорите

од Stefanija Kuzmanovska

Имаме цврста институционална рамка која за вашите бизниси нуди предвидливост и силна поддршка, која вклучува различни мерки кои обезбедуваат субвенции за креирање на нови работни места, во делот на капиталните инвестиции, за реализација на инвестициски проекти за истражување и развој, каде тие изнесуваат 50 проценти од прифатливите трошоци, како и поддршка во делот на извозот, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред германски стопанственици во Франкфурт.

Тој порача дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции може да очекуваат финансиска поддршка за воспоставување и унапредување на соработката со добавувачи од нашата земја.

Оцени дека заедно со помош на брзорастечки и глобално етаблирани странски компании, нашата економија технолошки напредува, расте и се развива. Овие компании, според него, економските успеси не ги темелат на евтина работна сила, туку на човечки ресурси со напредно знаење и иновативност и со изградени вештини да бидат дел од најсовремени технолошки производствени процеси.

На тркалезната маса за претставување на потенцијалите и поволностите за инвестирање во Северна Македонија на која учествуваат претставници на над 20 германски компании, Битиќи посочи дека Германија е исклучително важен економски партнер на Северна Македонија, со кој се одвива една четвртина од вкупната размена надминувајќи пет милијарди долари во 2022 година.

Укажа дека големи германски компании работат со полн капацитет во нашата држава и водат успешен и растечки бизнис. Поволен економски амбиент за реализација на инвестиции и производство препознале и големите и глобално етаблирани германски компании, како што се Дрекселмаер, Маркард, ОВД Електрик, Кромберг и Шуберт, Техникал Техстајлс. Наведе дека тие се само еден дел од повеќето од 200 германски компании кои се развиваат, притоа овозможувајќи конкурентни и редовни плати на над 20 000 граѓани. Портфолиото на германски инвестиции, вчера е збогатено и со договорот за инвестиција на германската компанија БМЗ која одлучи да гради фабрика за производство на батерии во вредност од 65 милиони евра во ТИРЗ Скопје 2.

Слични содржини