Блер негираше дека во Израел споменал раселување на Палестинците од Газа

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот британски премиер Тони Блер негираше дека во Израел разговарал за раселување на Палестинците од Газа, како што тврди израелска телевизија.

Израелската телевизија Канал 12 објави дека Блер, кој беше премиер до 2007 година, а потоа пратеник за Блискиот Исток одговорен за формирањето на палестинските институции, минатата недела бил во Израел.

Тој, наводно, се сретнал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и членот на воениот кабинет Бени Ганц за да разговараат за повоената посредничка улога против Хамас, навел истиот извор.

Како што е соопштено, Блер би можел да дејствува и како посредник меѓу умерените арапски земји за „доброволно раселување“ на жителите на Газа, пренесува Бета.

Фондацијата на Блер, Институтот за глобални промени Тони Блер, синоќа објави дека таквите тврдења се лажни и дека се објавени иако немало контакт со Блер и неговиот тим, објави денеска агенцијата „Франс прес“.

„Немаше такви дискусии. Тони Блер не би имал такви дискусии бидејќи идејата во принцип е погрешна. Жителите на Газа треба да можат да останат да живеат во Газа“, соопшти Фондацијата Блер.

Во неделата, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич ги повика еврејските доселеници да се вратат во Газа по војната, каде што живееле до евакуацијата во 2005 година.

Смотрич, кој ја предводи крајнодесничарската партија Религиозен ционизам, рече дека Израел треба да ги „охрабри“ околу 2,4 милиони Палестинци во Газа да ја напуштат територијата и да заминат во други земји.

Тој најави помош за „рехабилитација на тие бегалци во други земји на соодветен и хуман начин во соработка со меѓународната заедница и арапските земји во околината“.

Хамас, кој владее со Газа, остро ги осуди ваквите изјави, велејќи дека тоа е „воено злосторство“.

Слични содржини