Блокирана истрага за масакрот во белградското училиште, таткото на момчето-убиец може да биде ослободен?

од Stefanija Kuzmanovska

Денеска, точно пет месеци откако вооруженото момче Коста К. влезе во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и со пиштолот на својот татко уби деветмина негови врсници и училишниот чувар и рани уште шест лица, истрагата против неговиот татко се уште не е завршена.

Како што дознава „Блиц“, истата е блокирана со вештачењето наложено од Вишото јавно обвинителство во Белград, кое не е завршено и покрај бројните итни наредби од оваа институција.

„Обвинителството нареди да се изврши медицински балистички преглед кој треба да укаже на начинот на смртта на жртвите на момчето убиец, и на прострелните рани и од кое оружје се нанесени. Тоа вештачење треба да ги потврди сомнежите дека момчето-убиец пукало со пиштол кој неговиот татко го поседувал законски“, вели извор на „Блиц“ запознаен со случајот.

Сепак, како што се дознава, ова вештачење не е завршено.

„Надлежното обвинителство во последните два месеца напиша низа итни известувања и барања што поскоро да се достават, бидејќи без нив не може да се донесе одлука за евентуално поднесување обвинителен акт против таткото поради сомнение дека не го чувал оружјето на безбедно место. За тоа време вработените во Институтот заминале на одмор, а со вештачењето ништо не било направено“, додава изворот.

Обвинителството има рок да донесе одлука за ова во следниот месец. Во спротивно, таткото на момчето-убиец ќе биде ослободен.

Слични содржини