Богоев домаќин на директорите на Царинските управи од Западен Балкан

од Nikola Popovski

Денес и утре во организација на Царинската управа и со поддршка на Царинската и даночна служба на Обединетото Кралство се одржува јубилејниот 10ти неформален регионален состанок на кој учествуваат директори и високи претставници на Царинските управи од Западен Балкан, како и претставници од Британското министерство за надворешни работи – канцеларија за меѓународни операции и EXBS. Главната тема на оваа средба е подобрување на регионалната соработка на Царинските служби во насока на заедничка борба против шверцот, нелегалната трговија и организираниот криминал, со цел развој и унапредување на економската соработка во регионот.

„Регионалната соработка е клучна во борбата против шверцот, нелегалната трговија и организираниот криминал. Она што денес е вистински предизвик за нас е да обезбедиме баланс помеѓу потребата од забрзан транспорт и олеснување на трговијата од една страна, и спроведување на ефикасни контроли за заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните од друга страна. Остануваме и во иднина безусловно посветени на борбата против криминалот и корупцијата и ќе продолжиме со заеднички напори за придонес кон безбедноста и поддршката на легалната трговија, со што ќе обезбедиме забрзан развој и напредок на регионот”, истакна директорот на Царинската управа Стефан Богоев во воведното обраќање на состанокот.

На настанот присуствуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон, кој во своето обраќање посочи: „Обединетото Кралство е посветено на регионот и на соработката со Северна Македонија. Безбеден, стабилен и просперитетен регион подразбира посилни партнери за Обединетото Кралство со кои можеме да работиме заедно за подобрување на безбедноста и стабилноста, како и да поттикнеме подобрување на трговската соработка со Западен Балкан. Зголемената способност на царинските службеници од целиот регион да работат заедно за зајакнување на механизмите за гранична контрола и споделувње на разузнавачките информации на регионално ниво ќе помогне во решавањето на заедничките закани од сериозниот и организиран криминал, како и на економскиот криминал”.

За време на состанокот се разгледува напредокот во реализацијата на активностите за дефинирање на рамка за безбедна размена на информации преку SEED системот од областа на анализа на ризик, но и во размена на оперативни разузнавачки информации со цел спречување на шверцот, нелегалната трговија и организираниот криминал. Исто така, се дискутира и запримена на ефикасни мерки за спречување на корупција, како и за подготовка на заеднички проекти и идни активности на Царинските служби од регионот со цел олеснување на трговијата, унапредување на царинските постапки и економската соработка во Западен Балкан.

Слични содржини