Бранот поскапувања ќе ја намали потрошувачката и ќе затвори голем број бизниси

од Vladimir Zorba

Полека се трошат последните залихи суровини потребни за производство  на пецива. Веднаш потоа ќе следи нивно покачување најавуваат пекарите. Ситното и полнетото пециво е веќе поскапо за 10-15%, но во следниот период нагорни корекции ќе има и кај другите пецива ( кифличките и ѓеврекот) вели за „Локално“ Бошко Митовски- претседател на секцијата пекари и слаткари  во занаетчиската комора – Скопје.

Новите цени ги објаснува како крајна нужност поради секојдневниот, вртоглав раст на цените на репроматеријалите и на суровините.

„Каде и да се свртиш, се е покачено. Поскапе сувомеснатото, зејтинот, брашното. Нагорни корекции има и кај енергенсите (плинот, струјата, нафтата, дрвата)“ посочува Митовски. Ваквата ситуација голем дел од пекарите едвај ја следат бидејќи секоја следна нарачка претпоставува и нови, повисоки цени на суровините потребни за производство на пецива.

Тој алармира дека потрошувачите се помалку купуваат бидејќи се исплашени од секојдневните најави за инфлација и поткопување на стандардот.

Намален е обемот на работа, бидејќи луѓето го купуваат само основно, она што мораат“, вели Митовски.

Ситуацијата е уште полоша во слаткарството чие производство е веќе редуцирано. Цената на шеќерот како основна суровина секојдневно оди нагоре, а побарувањето за слаткарски производи е се помало.

Поскапувања се најавуваат и кај останатите занаетчиски услуги  како што се браварските ,  поставувањето и поправка на прозори и врати..Според Горан Ристовски, претседател на занаетчиска комора – Скопје и претседател на секција бравари-металци, нагорните цени се последица на неколку фактори.

„Веќе неколку месеци се се покачува. Повисоки цени има  горивото, паркингот, одржувањето на возилата. Моравме да ги покачиме нашите услуги за 10-15 %, но најверојатно ќе одат уште погоре“, изјави Ристовски за „Локално“.

Како најголем проблем го посочува недостигот на млад кадар кој како што вели не е заинтересиран за учење и обука за овој тип работа. Само возрасни кадри кои се неколку години пред пензија  се останати и во сите останати сектори, без млади на кои ќе им го пренесат знаењето и иксуство, па оттука додава тој, овој проблем е долгорочен и допрва ќе  биде причина за нови, повисоки цени услуги од ваков тип.

Анета Атанасовска,  извршен директор во Занаетчиска комора Скопје,  за локално.мк, вели дека занаетчискиот сектор се труди да не ги менува цените  за да има побарувачка на производите и услугите, но со оглед на тоа дека растат цените на репроматеријалите , нагорна корекција ќе имаат и  цените на сите занаетчиски производи и услуги и тоа сразмерно на трошокот кој го имаат при вршење на занаетчиската дејност.

„Со поскапувањето  на електричната енергија, горивото, репроматеријалите.. во целиот занаетчиски сектор во наредниот период  ќе има покачување и на цените на занаетчиските производи“, посочува Атанасовска.

И таа се согласува дека покачувањето ќе биде највисоко во занаетчискиот сектор на производство на храна, пекарство и слаткарство, градежништвото, електромашинство, преработка на дрво, и во сите други сектори во кои ќе има покачување на цената на суровините и други трошоци за водење на бизнис.

Предупредува дека поскапувањето на репроматеријалот за работа и покачувањето на цените во секторот занаетчиство може да доведе до намалена побарувачка на производите и услугите и да доведе до затварање на  многу бизниси, што ќе биде втор, дополнителен удар врз нив  по катастрофалните последици од пандемијата.

Поради поскапувањето на цената на енергенсите, а со самото тоа и на транспортот, нагорни корекции имаше на речиси сите градежни суровини, предупредуваат дел од градежниците за „Локално“.

„Во градежништвото поскапе буквално се, цементот, железото, стаклото, материјалот за водовод, дури и обичните четки и материјали за уредување на ентериер ’’вели Јордан Најдовски- претприемач од Охрид. Во ваква ситуација цените на услугите од овој тип според него сигурно дека ќе одат нагоре.

По најавите на Владата за можноста да замрзне дел од цените на основните производи и услуги кои граѓаните најчесто ги набавуваат, регираше бизнис заедницата според која тоа  ќе ја зголеми работата на црно. Замрзнувањето на цените според стопанствениците не е долгорочна мерка , ниту пак во целост ќе ги реши проблемите со инфлацијата.

К.В.С.

Слични содржини