Британија му воведе санкции на Абрамович, продажбата на Челси замрзната

од Vladimir Zorba

Британската влада воведе санкции за рускиот олигарх Роман Абрамович, замрзнувајќи го неговиот имот, вклучително и неговиот фудбалски клуб од Премиер лигата на Челси, што значи дека и продажбата на клубот е замрзната.

Владата од Лондон во соопштение наведе дека, покрај замрзнувањето на средствата, на Абрамович му воведува забрана за какви било трансакции со британски поединци и компании, како и забрана за патување, пренесе Си-Ен-Ен.

Абрамович и соработникот на рускиот претседател Владимир Путин, Игор Сечин, се меѓу седумте олигарси и политичари кои ќе бидат додадени на листата на санкции на Обединетото Кралство, поради руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари.

Санкциите се проценуваат на близу 20 милијарди долари, објави британската влада.

На листата се и Олег Дерипаска, кој има акции во групата Ен +, Андреј Костин, претседател на „ВТБ банка“, Алексеј Милер, извршен директор на „Газпром“, Николај Токарев, претседател на рускиот државен гасовод „Транснефт“ и Дмитриј Лебедев, претседател на одборот на директори на „Банката на Русија“.

Откако изби војната во Украина, Абрамович реши да го продаде Челси, бидејќи беше под голем притисок од јавноста. Се пишуваше дека британските власти сакале да го избркаат, а легендарните фудбалери и навивачи на клубот побарале од него да го препушти водењето на клубот на друг.

Абрамович рече дека му дал инструкции на својот тим да основа добротворна фондација преку која ќе се врши целиот промет од продажбата.

„Ќе се соберат приходи за жртвите од војната во Украина, како за сегашното, така и за долгорочното закрепнување. Ова беше неверојатно тешка одлука за мене и ме боли што клубот и јас се разделуваме на овој начин. Но, секако верувам дека ова е во најдобар интерес на клубот“, рече Абрамович во писмената изјава на веб-страницата на Челси, објавена на 2 март.

Претходно, британските власти воведоа санкции против тројца олигарси блиски до Кремљ и пет руски банки, како одговор на руското признавање на сепаратистичките региони во источна Украина.

Милијардерите, цел на санкции, се Генадиј Тимченко, Борис Ротенберг и неговиот внук Игор Ротенберг, рече премиерот Борис Џонсон на 22 февруари, пред почетокот на руската инвазија на Украина, додавајќи дека другите санкции се подготвени заедно со санкциите на САД и на Европската унија доколку продолжи да се влошува ситуацијата.

Слични содржини