Бучковски: Ако не добиеме блиско решение со Бугарија во мај, ќе треба да чекаме постизборни преговори во ноември

Во рамки на своето интервју за 360 степени, владиниот претставник за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски се осврна на напредокот во преговорите со Бугарија, имено, по изборите таму, и истакна што очекува по завршувањето на истите.

„Повеќе се технички детали, зашто не беше тајна дека во одговорот на бугарската страна имаше од нивна страна инсистирање да имаме пакет во кој нема да биде само планот за заедничко дејствување или акцискиот план, туку имаше обид да се најде решение и за неколкуте отворени прашања кои ние ги детектираме како политички прашања за кои ќе ни треба повеќе време и подобра атмосфера. Тоа неколкупати го говореше и нашиот премиер, го говореше и претседателот Пендаровски – долгото, краткото име, малцинството, јазичната формула и на крајот систематската борба против говорот на омраза од двете страни. Мислиме дека ова што го правиме во делот на медиумите дека ќе имаме дополнителна алатка – реемтивањето на БТВ, на МТВ, можноста на Макс ТВ да влезат уште 2 или 3 приватни бугарски телевизии, со отворањето на дописништво на МИА во Софија, а истото од 1 март се подготвува да го направи и Бугарската телеграфска агенција во Скопје и ќе се создадат предуслови во тој дел, условно кажано, медиумите под државана капа, да имаат избалансиран пристап во пренесувањето на информациите“, истакна Бучковски.

Во рамки пак, на акцискиот план, Бучковски потврди дека станува збор за документ кој би го усвоиле на заедничката владина конференција на која ние инсистираме. Сепак, како што вели, треба да се земе предвид дека според изјавата на Османи дека планот е 99% усвоен, треба да имаме надеж дека можеме во следните неколку недели да ја имаме меѓувладината конференција.

Во поглед на тоа дали има надеж за решавање на спорот, Бучковски вели:

„Ние, реално, според моите проценки, ја имаме шансата да го направиме првиот пробив по изборите во Бугарија, значи мај, јуни. Потоа се влегува во преткампања – кај нас се локалните, но и во Бугарија има други избори, тоа се претседателските. Ако не успееме во овие два месеца, потоа другата шанса ни е во ноември-декември. Мислам дека реално имаме шанса тоа да го направиме оваа година, или ако сакате до крајот на мојот мандат кој е до 1 декември оваа година. Реални се шансите да дојде до компромисно решение зашто сепак сме блиску до изнаоѓање формула во која и едната и другата страна, за кои можеби ќе изгледаат на прв поглед како преголема отстапка, но јас сум уверен дека Бугарија конечно ја има нашата кристално јасна порака каде не сме подготвени да попуштиме. Тоа ме храбри, нивното препознавање на она што е неспорно, дека може да биде првиот сериозен чекор кон враќањето на довербата“.

Слични содржини