Бугарското МНР повторно ја повика македонската амбасадорка и ѝ врачи протестна нота

од Nikola Popovski
536 прегледи

Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека на амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска, ѝ е врачена протестна нота поради случаи на сквернавење на бугарските национални симболи. На средбата меѓу Поповска и Јордан Прванов, генерален директор за европски прашања, била изразена сериозна загриженост поради, како што се соопштува, последователните случаи на сквернавење на бугарските национални симболи на територијата на соседната земја.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, на 4 мај 2025 година, неколку часа по положувањето венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, било откриено дека меѓу многуте положени венци, билe отстранети само лентите со бугарската тробојка на венците.

Министерството за надворешни работи на Бугарија категорично ги осудува ваквите непријателски дејствија.

-Со жалење се забележува дека идентични неприфатливи прекршувања се регистрирани и во претходните периоди. Второто е индикативно за фактот дека систематскиот недостаток на реакција од страна на надлежните органи во Република Северна Македонија дополнително ја поттикнува трансформацијата на манифестациите на непријателство и вандализам на антибугарска основа во одржлив тренд.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија очекува властите на соседната земја да преземат потребни мерки за идентификување на сторителите на овие дела и нивно повикување на одговорност, како и за навремено обновување на споменикот морена во неговата автентична форма, стои во соопштението од бугарското МНР.

Во август 2024 година, Поповска беше повикана во тамошното МНР за да се изрази остар протест по прес-конференцијата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на 29-ти август истата година. Николоски тогаш рече дека процесот на уставни измени во земјата и Преговарачката рамка се главна тема во бугарските медиуми секогаш кога има избори во Бугарија.

-Ова не е политика на Бугарија од вчера. Ова е политика на Бугарија која што ја имаме во континуитет од 2020 година. Второ, секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија. Не знам сега не сум сигурен за кога им се изборите затоа што до толку се нефункционални што не можат ни избори да закажат, ова им е седма или осма техничка влада, веќе луѓе не можат да најдат за во техничката влада. Така што, прво нека си ги средат дома работите, нека изберат политичка влада и ќе седнеме и ќе зборуваме со политичката влада. Немам намера да одговарам на луѓе коишто ловат политички поени а коишто се политички маргиналци во моментов во Бугарија затоа што се претставници на влада која што нема легитимитет од никого, рече Николоски прашан за коментар за претходната реакција од бугарското МНР дека „на раководството во Скопје би требало да му е јасно дека обидите за лансирање на идеи за предоговарање може единствено да доведат до ново оддалечување од стартот на преговори“.

Слични содржини