Цената за квадрат во Скопје и над 2.000 евра: Во 2024-та нè очекува стагнација, но дали е исплатливо да се вложува во време на инфлација?

од Nikola Popovski

Речиси никој не е изненаден од последните огласи за продажба на станови во градба во Скопје. Цените се вивнаа до „плафон“, но сепак интересот е се уште голем, а притоа најголем за Центар, Карпош и Аеродром. Најскапи се новите станови во Дебар Маало (Центар) од 2.000 до 2.500 евра за м2. Во Капиштец се поевтини, чинат околу 1.700, 1.750 евра по м2, а старите станови од 1.500 евра по м2 до 1.600. Аеродром ја достигна цената на становите во Капиштец од 1.400, 1.500 па нагоре за станови во градба, а готови достигнуваат до 1.600, 1.700 евра по м2, поради големата побарувачка.

Што да очекуваме во 2024 година, стагнација или нов раст на цените?

Претседателката на Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија, Лилјана Ковачева информира дека се очекува стагнација, односно престанок на растот и стабилизација на цените на ова повисоко ниво во текот на 2024. Во разговор за „Локално“, појаснува дека уште во последните месеци од 2023 се забележа намален раст, односно стабилизција на цените.

Лилјана Ковачева

-Понуда има голема и делумно ја надминува побарувачката, но сеуште има голема побарувачка за одредени локации и типови на градби и квалитет, па побарувачката за квалитететни понуди е поголема од понудата, истакнува Ковачева.

Во однос на тоа кој ги „држи“ високо цените, претседателката на Групацијата посочува дека пазарот е економска категорија која се регулира врз икслучиво врз основа на пазарните трендови на побарувачка и понуда.

-Никој не ги „држи“ цените високо, туку тие се оформуваат во склад со понудата и побарувачката. Како што веќе спомнав побарувачката за квалитетни недвижности е сеуште поголема од добрата понуда и тоа ги одржува цените на повисокото ниво. Помалку квалитетните недвижности на помалку атрактивни локации се продаваат по пониски цени. Највисоките цени на квалитетните станови на добри локации со висок квалитет на градба се продаваат за цени од околу €2000/м2, но има и понуди за нешто повисоки цени, обелоденува соговорничката.

Ковачева наведува дека секој обичен граѓанин, најнапред гледа да си го реши сопственото станбено прашање.

-Ако живеете во Скопје, работите во Скопје и децата ви се школуваат во Скопје, се разбира дека ќе купите стан во Скопје, а не во Солун, ни рече претседателката на Групацијата, одговарајќи на прашањето дали би понудила 2500 евра за квадрат во Скопје или пример во Солун.

Во Македонија претежно купуваат македонски државјани, додава таа, посочувајќи дека странски купувачи има малку. Но сепак, според неа, тоа не значи дека целиот капитал, кој се вложува во Македонија е македонски. Во позадина на вложувањата не е мал процентот на македонски инвеститори кои својот капитал го заработиле во странство.

Околу тоа дали се исплати купување недвижен имот во услови на инфлација, Ковачева е децидна дека во услови на инфлација е дискутабилно колку вложувањето во недвижности е исплатливо, но од друга страна е многу разбирливо и единствено прифатливо.

-Ако имате одреден капитал да го вложите во Македнија ви се лимитирани можностите. Нашите граѓани имаат многу резерва кон вложувања на берза, штедењето пак во банка е целосно неисплатливо и покрај каматите кои би ги добиле, сепак со инфлацијата на крај губите. Од друга страна ако имате недвижност вашиот капитал ако не се оплодува барем е сигурен и стабилен. Всушност сметам дека голем дел од инвестициите се со ваква мотивација. Ако на почеток на 2022 сте имале заштеда во банка, на крај на годината и покрај каматата вие поради инфлацијата сте изгубиле. Од друга страна ако на почетокот на 2022 сте имале недвижност, вредноста на истата во текот на годината пораснала и вие не некој начин сте заработиле, но дури и да не сте заработиле, барем сте ја зачувале вредноста, предупредува таа.

Според Ковачева, рано е да се зборува дали би се покачиле цените на недвижностите при евентуалното влегување на земјата во ЕУ.

-Македонската перспектива во ЕУ е далечна и многу неизвесна. Порастот може да настане само ако има зголемено побарување. Кај повеќето нови членки, при влез во ЕУ се зголеми вложувањето во недвижности, каде купувачи се појавија и од други ЕУ земји. Дали евентуалниот влез во ЕУ ќе значи и зголемен влез на инвестиции во недвижности во Македонија ќе покаже времето, заклучува соговорничката.

„Македонија има далеку поефтини недвижнини во регионот“

Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Адора Бизнис групацијата, во разговор за „Локално“ направи паралела со нашите соседни пазари во Србија и Грција. Посочува дека цената на недвижностите е секогаш склоп на повеќе комбинирани фактори како што се побарувачката, понудата, каматните стапки како за купувачите така и за инвеститорите, достапноста на градежно земјиште, цената на градежните материјали, понудата на работна рака на пазарот, глобалниот и локалниот макро и микро економскиот момент. Но, во последните неколку години, вели тој, имавме прилика уште еднаш да се увериме во фактот дека во време на криза и несигурност, луѓето секогаш ги одбираат недвижностите како најбезбедна инвестиција и најдобар чувар на нивниот капитал, односно како што ние во Адора умееме да кажеме: „Инвестирањето во квалитетна недвижност е најцврста и најсигурна валута за вас и неколкуте следни генерации!“.

Чифлиганец, чија Бизнис Групација во пост-ковид периодот се ориентирани на градежни проекти во Србија и Грција, објаснува дека краткорочно, дали цените ќе одат горе или долу зависи од некои минливи и моментални фактори, но долгорочно цените ќе пораснат.

-Всушност, Македонија се уште има убедливо најевтини цени на недвижности во регионот. Адора во соседна Србија, на Златибор продаваме квадрат од 2700 до 5000 евра за метар квадратен. Би напоменал дека во Златибор не продаваме примарни недвижности наменети за живот, туку секундарни недвижности наменети за инвестиција и одмор. Во соседна Грција, во Солун, Адора гради одличен резиденцијален проект каде што цената е помеѓу 4500 и 5000 евра за метар квадратен, и речиси проектот е целосно распродаден, информира соговорникот.

Според него, не треба да се генерализира цената на квадрат без да се гледа конкретниот проектот за кој се однесува.

-Исто како што постои автомобил за 5 луѓе со цена од 20 000 евра, и со цена од 100 000 евра, на истиот начин постојат различни видови станови. Во овој момент, доколку во Скопје најскапите станови се со цена од 2500 евра за м2, во регионот, односно во Солун или Белград може да се каже дека тоа е просечната цена, што може да отиде и до 10 000 евра за м2 на одредени локации и проекти во соседните држави, тврди Чифлиганец.

Дециден е дека недвижностите се двигател на секоја развиена или економија во развој.

-Низ годините сме сведоци на многу најразлични инвестициони трендови, но инвестирањето во недвижности е тренд што никогаш не излегол од мода, како што бевме сведоци во текот на Ковид-19 и пост-Ковид кризата. Македонија сеуште има далеку поефтини недвижности од регионот. Движењето на цените оди во циклуси предизвикани од горенаведените параметри, некогаш имаме малку забрзан пораст, понекогаш ќе видиме одреден пад, но на долг рок, секогаш е подобро да купиш стан денес отколку утре, советува заменик-претседателот на Адора.

Н.П.

Слични содржини