Чеченци се борат на страната на Украина: „Русите се агресори и окупатори“

од Nikola Popovski

Во војната во Украина странски борци од Западот се борат на страната на Украинците, но и голем број Руси, како и Чеченци. Тие ја избраа спротивната страна во однос на повеќето нивни сонародници, сметајќи дека постапуваат правилно. Секој од нив имал свои причини да замине на бојното поле.

Еден од нив е Ислам, кој се бори на страната на украинската војска во близина на линијата на фронтот. Посочува дека ако го фатат Русите нема да може да биде разменет.

„Ќе ме измачуваат, па ќе ме покажат на телевизија“, рече тој.

33-годишниот дисидент, бегалец кој е во Полска речиси две децении, му се приклучил на баталјонот на шеикот Мансур во април. Единицата е основана во 2014 година, по руската анексија на Крим, и се состои главно од ветерани од чеченските војни.

Ислам е именуван по чеченски воен командант од 18. век кој се борел против руската експанзија на Кавказ. Токму тоа ги мотивирало повторно да земат оружје, пишува „Moscow times“.

„Неколку стотици мажи“ со избричени глави и долги бради како Ислам, доброволно се пријавиле да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од руската инвазија.

Ислам не открил точно колку војници има во неговиот баталјон, ниту каде се стационирани. Тој сака неговиот идентитет да се чува во тајност поради страв од одмазда на неговите роднини кои живеат во Чеченија.

Во Украина има и чеченски борци кои се борат на страната на Русите под команда на Рамзан Кадиров и се лојални на Кремљ. Се зборува дека станува збор за група од околу 8.000 борци, но таа бројка не е потврдена.

„Сакаме да покажеме дека не се сите Чеченци како нив – многумина од нас ги гледаат Русите како агресори и окупатори“, рекол Ислам.

За него војната во Украина е „дежа ву“ бидејќи истото го доживеал и во својата татковина.

„Тоа е како патување во минатото, продолжение на она што започна на Кавказ“, додал тој.

Одек на војната

Главниот град на Чеченија – Грозни беше уништен од бомби пред повеќе од две децении во војната што ја водеа Русите и Чеченците. Според „Moscow times“ овој град ја доживеал судбината на Мариупол.

Малата република со мнозинско муслиманско население беше уништена во две брутални војни. Последната, предводена од рускиот претседател Владимир Путин во 1999 година, довело до тоа Рамзан Кадиров да дојде на чело на оваа република, кој е обвинет за безмилосно потиснување на опозицијата.

Како резултат на тоа, била формирана чеченска дијаспора од околу 250.000 луѓе во Европа, Турција и Обединетите Арапски Емирати.

„Одлучив да се приклучам на баталјонот за делот од Чеченија што Москва се обидува да го претстави како терористи“, вели Ислам, кој добил закани поради документирање наводни руски воени злосторства на Интернет.

Чеченските борци официјално не се дел од украинската армија. Опремата што ја користат е преземена од Русите, а ги хранат мештаните, главно православни христијани кои се љубезни кон нив.

Тие посочуваат дека не дошле овде да наметнуваат исламски верувања, туку дека дошле да се борат против заедничкиот непријател и да ја одбранат слободата.

Слични содржини