Чомски: Шокантно е што во овој клучен момент Америка ја води Трамп, коронавирусот ќе нè натера да размислиме за тоа каков свет сакаме

од Vladimir Zorba

Ноам Чомски, познат лингвист, филозоф и еден од најголемите мислители на денешницата за DiEM25 изјави дека е „шокантно што во овој клучен момент Америка ја води Доналд Трамп“, кого го опишува како „социопат“.

„Коронавирусот е многу сериозен, но мора да имаме на ум дека ни се приближуваат уште две големи закани. Едната е нуклеарна војна, а другата е глобалното затоплување. Коронавирусот е ужасен и може да има сериозни последици, но ќе има закрепнување. А по овие две закани нема закрепнување“.

Америка има премногу моќ, а Европа слепо го следи својот господар. Додајте ја на тоа и смртта на илјадници бегалци на Медитеранот, вели Чомски, и ќе ја разберете кризата на западната цивилизација.

„Коронавирусот ќе нè натера да размислуваме за тоа каков свет сакаме“, вели тој.

Чомски смета дека изворот на кризата лежи во колапсот на пазарот и неолибералните политики кои ги засилиле длабоките социо-економски проблеми.

– Веќе подолго време е познато дека може да се случи пандемија како оваа, а се знаеше дека тоа ќе биде пандемија на коронавирус, модификација на она што го видовме со САРС. Тие можеа да работат на вакцини, да развијат заштита од потенцијална пандемија и со мали измени веќе ќе ја имавме денес вакцината – вели Чомски. „Но, има многу поголем профит во изработката на нови креми за тело отколку да се најде вакцина. Неолибералната чума блокираше сè“.

Чомски потсетува дека сите знаци на предупредување биле присутни.

„Ние не обрнавме внимание на информациите. На 31 декември, Кина ја извести Светската здравствена организација. Кинеските научници брзо го изолираа вирусот. Земјите од тој дел на планетата започнаа да прават нешто. Во Европа, ова се случи барем донекаде. Германија има сигурен болнички систем и може да направи нешто за себе. Некои други земји ги игнорираа предупредувањата, особено Велика Британија и Соединетите држави “.

Чомски смета дека има простор за оптимизам.

„Постои можност луѓето да се организираат, дека ќе работат во подобар свет, но тој свет ќе се соочи и со големи проблеми. Ова е клучен момент во историјата на човекот, затоа што е време да се препознаат длабоките недостатоци на светот, дисфункционалните карактеристики на целиот систем, кои мора да се променат. Ова е знак за предупредување и лекција што мора да ја научиме “.

На крајот, Чомски вели дека нема да биде лесно, но дека луѓето се соочиле со големи проблеми во минатото и успеале да најдат решенија за нив.

Слични содржини