Чулев: За 1 мај, владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд

од Берта Китинска

Граѓаните се одговорни, совесни и генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето. Тие се свесни за ризикот кој го носи заразата од Covid 19 и ги применуваат мерките за заштита на своето здравје, пишува на својот Фејсбук профил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој вели дека на денешната седница на Координативниот штаб во владата го афирмирал својот став во врска одлуките кои ќе се донесат за престојниот викенд да не бидат во насока на заострување на мерките за движење.

-Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните. И понатаму стојам на ставот дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните.
Апелирам до граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема, а Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници и понатаму ќе стојат во првите редови во заштита на животот и здравјето на сите нас, напиша Чулев.

Слични содржини