Дали играњето во шума може да го подобри имунитетот на вашите деца?

од Stefanija Kuzmanovska

Имунолошкиот систем на деца, чиј простор за игра е трансформиран од игралиште со камчиња во мини-шума, се подобрува за еден месец, покажуваат резултатите од неодамнешното истражување.

Научниците веруваат дека тоа се случило затоа што децата развиле разни микроби на кожата и во внатрешноста на цревата, за разлика од оние деца чии игралишта останале во првобитна состојба, пренесува Гардијан.

Процентот на автоимуни заболувања, каде што телото погрешно се напаѓа, се зголемува во западните земји. Овие нарушувања вклучуваат астма, лихен планус, дијабетес тип 1, воспалително заболување на цревата и мултиплекс склероза. Главното можно објаснување за овој тренд, наречено хигиенска хипотеза, вели дека децата се изложени на многу помалку микроби отколку во минатото. Ова значи дека нивниот имунолошки систем е повеќе склон кон правење „грешки“.

Претходните студии покажаа статистичка врска помеѓу изложеноста на микробиолошка разновидност и развојот на добро функционирачки имунолошки систем. Но, ова е само прва студија која намерно ја менува животната средина на децата и наоѓа каузална врска.

Истражувачите рекоа дека нивниот експеримент покажува како е можно да се подобри зајакнувањето на имунолошкиот систем преку многу едноставна промена во животната средина на градските деца.

Студијата опфати 75 деца во два града во Финска, што е релативно низок број за вакво истражување.

„Но, кога ги видовме резултатите, се изненадивме бидејќи тие се многу значајни“, рече Аки Синконен, водач на студијата на Институтот за природни ресурси во Финска.

Тој додаде дека ова истражување може да го отвори патот за нови превентивни практики, насочени кон ставање крај на глобалната епидемија на автоимуни болести.

Синконен исто така истакна дека има слични експериментални студии кои се спроведуваат на друго место, чии резултати сè уште не се објавени.

Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието Science Advances, а во него учествуваше тим од многу експерти од областа на медицината, екологијата и урбанистичкото планирање. Децата кои биле предмет на истражување биле на возраст од три до пет години, од десет слични градинки.

Во четири градинки е поставен тревник со природна шумска основа, заедно со џуџести грмушки, боровинки и мов, поставени во претходно голи игралишта. Децата минувале во просек 90 минути надвор и биле охрабрени да си играат со растенија и почва.

„Беше лесно затоа што тој дел од игралиштето беше највозбудливиот“, рече Синконен.

Уредувањето на просторот чинело околу 5.000 евра, многу помалку од годишното одржување за игралиштата.

Тестовите спроведени по 28 дена покажале различни микроби на детска кожа три пати поголеми од оние, кога си играле на игралиште со камења, а исто така значително се зголемил бројот и во цревата. Примероците од крв, исто така, покажале позитивни промени во опсегот на протеини и клетки од суштинско значење за имунолошкиот систем, вклучувајќи антиинфламаторниот цитокин и Т-клетки.

Децата јаделе исти оброци секој ден и ги исклучувале оние на кои родителите им давале пробиотички додатоци. Истражителите не биле во можност да ги контролираат децата во домашното опкружување, но рекле дека виделе значителен ефект од „шумската интервенција“, без оглед на различните домашни средини.

Во извештајот од 2009 година на британското кралско друштво за јавно здравје се заклучува дека престојот по природа е важно за градење на имунитетниот систем, но дека чистотата е сепак од витално значење при подготвување и консумирање храна.

Слични содржини