Дали вредностите на ВМРО-ДПМНЕ се исти со вредностите на ЕУ: „На бранот на популизмот, Мицкоски сака да ја направи партијата антиевропска преку негласањето на уставните измени“

од Nikola Popovski
480 прегледи

По се изгледа дека е можно коалицирање на десничарски и левичарско ориентирани партии во земјава, иако нивните идеологии се сосема различни. Ова во контекст откако денеска лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски истакна дека „вратата не е затворена за никого“ за коалицирање на неговата партија, доколку дојде на власт. Тој беше дециден дека „не би било одговорно и незрело би било од него и од ВМРО-ДПМНЕ да ја затвори вратата за било кој политички субјект“, запрашан дали ја гледа Левица како опција. Ваквиот наратив следува откако и портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во обид да го толкува нејзиниот лидер и неговата изјава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара за вредностите, рече дека тие не сакаат да бидат дел од Унија доколку не дели исти вредности со нивната партија. Според неа, Мицкоски дојде до таков заклучок откако ги исцрпи сите останати аргументи. 

Кој е проруски, а кој е проевропски фронт?

Дел од експертите сметаат дека таквата коалиција би била неприродна освен ако лидерот на Левица, Димитар Апасиев преку ноќ не промени став и потоа го притиска Мицкоски за внесување на Бугарите во Устав и почнување преговори со ЕУ или ВМРО преку ноќ промени став, па ја притисне Левица за промената на Уставот. Професорот и лидер на „Фракцијата за демократско ревитализирање“, Оливер Андонов во разговор за „Локално“ прашува зошто ВМРО-ДПМНЕ би одела во коалиција со една левичарска партија?

Оливер Андонов

-Дали маргините на една десна политичка структура во моментов предводена од Мицкоски, не е многу поблиску до Левица? Што има спојливо меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Апасиев, кој врска нема со проевропските аспекти односно е еден вид национал-социјалиста, измешан со некој ретроградни политики како троцкизам. Оттука исклучиво политичката желба за власт на Мицкоски може да го приближи оние во партијата кои немаат исти став со него. Тоа е сериозното политичко прашање. Ставовите на СДСМ дека тоа го прават поради заштита на државата немаат никакво значење бидејќи имаа доволно време Македонија да се доближи до ЕУ и да го добие симпатиите кај граѓаните и да одработи кај дел од ВМРО за заедничка проевропска агенда, истакнува тој.

Според него, изолацијата од евентуално коалиција меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу видлива на политички, економски и безбедносен аспект и ќе се зголемува.

-Можеби во првите моменти нема да ја видиме додека евентуално новата влада се стави во функција. Последиците можеби ќе ги чувствуваме кон средината на 2025 година, така што таа работа оди споро за да граѓаните забележат дека сме под изолација, а во пракса ќе гледаме дека меѓународните односи ни стојат во место, а внатре некој ќе го клати вагонот, за да мислиме дека се движиме. Истиот модел е и во Србија и мене ако нешто ми е страв и се плашам е дека ќе ни се случи е самоизолација, односно состојба како Србија – во медиумската сфера да бидеме прикажувани како лидери, а во пракса да живееме посиромашно и самоизолирано, истакнува Андонов.

Околу изјавата на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, професорот смета дека е „голема глупост кое сакајќи да му се додвори на Мицкоски, кажува работи кои се многу глупави“.

-Тоа е резултат на клиентилизмот во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа полтронство еве каде не дотера. Во обид да му се додворат на Мицкоски, кој не кажал ниту една паметна изјава, се обидуваат да кажат нешто искривено и проблематично, што од која страна и да го фатите излегува дека политиката на ВМРО е антиевропска. Дали ВМРО-ДПМНЕ како иделогија е антиевропска? Не е, отсекогаш била прозападна и проевропска, но на бранот на популизмот, Мицкоски се обидува да го направи со таков профил на однесување и во пракса го прави со негласањето на уставните измени. Укажува на различни позиции на ВМРО-ДПМНЕ, посочува Андонов.

Во однос на тоа дали има проруска политика, во пракса можеме да толкуваме како таква бидејќи, тврди оди на рака единствено на Русија и единствените интереси.

-СДСМ не е во право бидејќи несреќно искажаната изјава на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева не е во согласност со тоа што голем дел од членството на партијата го имаат кон став на ВМРО-ДПМНЕ кон европските интеграции. СДСМ треба да бара соодветен соговорник во ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, Мицкоски и раководството треба сериозно да се запрашаат до каде ќе стигнат со овој наратив кој го имаат и колку тоа во основа ги загрозуваа иделошоките акцентирањата на партијата, заклучува соговорникот.

За политичкиот аналитичар, Бесим Небиу, европските вредности се демократија, владеење на правото, еднаквост, човекови права. Дециден е дека секако мораме да ги делиме тие вредности, бидејќи други вредности не се компатибилни со нашите аспирации и стремежи како држава и општество.

Бесим Небиу

-И доколку не се согласуваме со европската политика кон нас, не можеме да не се согласуваме или да ги одбиваме овие вредности. ВМРО – ДПМНЕ секако треба да се произнесе, со тоа што ќе ја демантира оваа изјава како гаф, во спротивно ќе има простор обвинувањата на опозицијата да станат единствено можно објаснение. Ако е официјална позиција на ВМРО-ДПМНЕ, тоа отвара една цела нова епизода во политичката сцена на земјава, смета тој во изјава за „Локално“.

Во однос на замислените коалиции, Небиу е категоричен дека есапот пред и по избори се разликува.

-Реално, Апасиев и Левица се ривали на ВМРО-ДПМНЕ за десните и националистичките гласачи од македонскиот блок. Тие атакуваат на исто гласачко тело во предизборниот натпревар. Што повеќе гласови има Апасиев, тоа помалку гласачи ќе има ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, во тој натпревар за десни гласачи – Левица ја влече ВМРО -ДПМНЕ кон десно, бидејќи таа мора да и парира во реториката и десничарењето. Мислам дека владините стратези се раководат од овој момент – нејзината стратегија се разбира е обратна од таа на ВМРО—ДПМНЕ, затоа мислам дека и посветуваат поголемо медиумско внимание на Левица, отколку што таа навистина заслужува според својот рејтинг, оценува Небиу.

Соговорникот посочува дека секако Влада која би била анти-западна и проруска би била изолирана од ЕУ, САД и Западот.

-Но, не мислам дека следната влада ќе биде таква – и затоа не мислам дека ќе се доведеме во ситуација да бидеме изолирани од никого, ни рече аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини