Далот: Повеќе енергија ми дава тоа што не сме фаворити

од Vladimir Zorba

Манчестер Јунајтед не се плаши од доминацијата на Манчестер Сити и ќе се обиде да го искористи статусот на аутсајдер во обидот да го освои ФА Купот во Англија, смета дефанзивецот Диого Далот, пред утрешното финале на стадионот „Вембли“.

Градските ривали Сити и Јунајтед имаа различни перформанси во текот на кампањата, со тоа што Граѓаните го освоија англискиот шампионат по четврти пат по ред, а „црвените ѓаволи“ завршија на осмото место, нивна најлоша завршница во ерата на Премиер лигата.

Самиот Далот имаше солидна сезона и беше избран за играч на сезоната од соиграчите на „Олд Трафорд“.

„Манчестер Сити доминираше во последните неколку години“, изјави Далот за весникот „Мирор“, додавајќи: „Но, кога играат Сити против Јунајтед, мислам дека нема да влезат мислејќи дека се плашиме од нив. Тие знаат дека ние исто така сакаме да победиме, па тие ќе бидат на своето највисоко ниво, а ние мора да го сториме истото“.

Јунајтед победи на еден од последните пет натпревари во финалето на ФА Купот, со 2-1 против Кристал Палас по продолженијата во 2016 година. Минатата сезона тимот загуби од Сити со 1:2, во меч за трофејот.

„За мене лично, тоа што не сум фаворит во финалето ми дава повеќе енергија. Но, не мора да бидете аутсајдер кога сте во Манчестер Јунајтед. Во иднина сакаме да бидеме тимот за кој сите мислат дека ќе победи“, додаде Далот.

Слични содржини