Делегациите на Грција и Турција разговараа за мерките за градење доверба

од Radmila Tasevska

За спроведување или реактивирање, во текот на 2024 година, на активностите поврзани со веќе договорениот каталог на мерки, меѓу другото, се договориле делегациите на Грција и Турција на денешната нова рунда разговори за мерките за градење доверба, одржана во Анкара, соопштија од грчкото Министерство за одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, средбата поминала во позитивна клима, а двете страни, исто така, се согласиле „да воспостават механизам за контактна точка за комуникација и олеснување на спроведувањето на договорените мерки за градење доверба“.

Дел од двете делегации се амбасадори, високи воени офицери и други функционери.

Денешниот состанок се одржа во Министерство за национална одбрана на Турција, а домаќин на следната средба ќе биде грчка страна.

Грција и Турција минатиот месец ги започнаа политичките консултации на ниво на заменици- министрите за надворешни работи и дијалогот за т.н. позитивна агенда, односно соработката, како што беше договорено меѓу турскиот претседател и грчкиот премиер и меѓу шефовите на дипломатиите, додека пак на 7 декември во Солун ќе се одржи Високиот совет за соработка меѓу двете земји.

Слични содржини