Денес херои, а утре?

од Aleksandar Petrovski

Тие се херои во секојдневниот живот: медицински сестри, чистачи на улиците, касиерки во супермаркетите. Но, дали навистина требаше да ни се случи пандемија за да сфатиме колку се важни сите овие занимања? И што ќе се случи кога ќе помине сето ова?

Некаде околу ова време, пред две години, една германска медицинска сестра објави отворено писмо на нејзината страница на Фејсбук упатено до тогашниот и сегашниот министер за здравство Јенс Шпан, кое направи вистински бум на социјалните мрежи. Во тоа писмо, Јана Лангер не се пожалила дека е слабо платена, но побарала од надлежниот министер да и ’дозволи да ја заврши својата работа онака како што мисли дека треба. А за тоа, напиша таа, треба време. „Клиниките веќе не се здравствени установи“, изјавила Јана Лангер во интервју за германскиот јавен радиодифузен сервис WDR, „туку фабрики каде шефовите само гледаат нивните бројки да им се вклопуваат. Пациентот стана роба и така се лекува“.

Две години подоцна, медицинските сестри во одделите за интензивна нега, на пример во Хајнцберг, едно од првите жаришта на инфекцијата со коронавирус во Германија, буквално работат „како на лента“. Проблемот со оваа криза не е само (потенцијалниот) респираторен дефицит, туку и недостигот на персонал кој знае да работи со овие уреди. Затоа квалификувани медицински сестри треба да работат прекувремено. И најлошо од сè, тоа стана сосем нормално во Германија.

Нов статус во општеството, но до кога?

За утеха, во Европа погодена од коронавирусот, постои поголема благодарност и почит кон луѓето кои деновиве ги ставаат во опасност здравјето и животот да им помогнат на оние на кои им е најпотребно.

Водечките германски политичари ги нарекуваат „херои и хероини на секојдневниот живот“. „Столбовите на просперитетна економија не се само оние кои носат вратоврски, туку и оние што седат зад касата во супермаркетот, кои работат дополнителни смени во болниците или, и покрај кризата, сè уште го носат ѓубрето“, рече германскиот министер за труд Хубертус Хил. И германската канцеларка Ангела Меркел им се заблагодари на хероите од секојдневниот живот во своето обраќање пред нацијата.

И тогаш, тука е објавата на Маркус Зедер, премиерот на Баварија, германската покраина која, во меѓувреме, има најмногу заразени со коронавирус и најмногу мртви. Тој вети дека ќе плати премија од 500 евра на медицинскиот персонал. Во другите провинции се разгледува таков „бонус“. Трговскиот ланец REWE исто така планира премии за вработените во супермаркетите. Покрај тоа, ширум Европа има разни акции за јавен аплауз за „хероите и хероините од секојдневниот живот“ – луѓе кои одеднаш станаа важни – и видливи.

Што мислат хероите за ова?

Хероите велат дека се воодушевени и поласкани со нивниот нов статус во општеството, но дека – колку и аплаузот да им годи – тие не можат да живеат од него. И се прашуваат: што кога ќе помине оваа криза? Дали повеќегодишните дискусии за премалку платените занимања, како што се негувателките во старечки домови, ќе завршат со среќен крај? Или, по враќањето во нормала, „хероите и хероините од секојдневниот живот“ ќе западнат во заборав и ќе продолжат да живеат како пред кризата. Во свет каде што бонусите се резервирани за оние што носат вратоврски, и во кој тие – моментни „херои и хероини“ – ќе исчезнат повторно во сивото секојдневие.

Слични содржини