Фишер, Ескобар, Папандреу, Курти гости на Самитот на „Економист“ за Западен Балкан во Скопје

од Берта Китинска

Денеска во Скопје ќе се одржи вториот Самит за Западен Балкан „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа”.

На отворањето на Самитот, според најавата на организаторите, ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а свои обраќања најавено е дека ќе имаат и вицепремиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, косовскиот премиер Албин Курти и вицепремиерот на Албанија Арбен Ахметај.

По отворањето на Самитот, вицепремиерот Никола Димитров ќе биде говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?”, каде ќе говорат и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер и евроамбасадорот Дејвид Гир.

На панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и соработката во кревка глобална средина” најавено е дека ќе говорат шефот на дипломатијата Бујар Османи и американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз.

Според најавата, свој осврт на темата „Приоритетите на САД за Западен Балкан” ќе даде заменик помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Габриел Ескобар.

Во економскиот дел од Самитот на одделни панел сесии ќе говорат министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерката на Народната банка на Северна Македонија Анита Ангеловска Бежовска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и економски експерти.

-Верувам дека утрешниот ден ќе биде уште една потврда за важноста од соработката и солидарноста за Западен Балкан на патот кон ЕУ,напиша вечерва премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил во пресрет на Самитот што го организира лондонски „Еконoмист“

Во период кога глобалната заедница се уште се бори против Ковид-19, владите и меѓународните институции се фокусирани на имплементација на политики со цел враќање на конкурентноста и економскиот раст. Западен Балкан исто така беше силно погоден од пандемијата, а сегашната ситуација ја подвлекува потребата од подлабока соработка и солидарност од меѓународните институции. ЕУ мора да се движи побрзо и поефикасно во обезбедувањето помош на земјите во регионот, да им помага во решавање на прекуграничните прашања и најважно, да ги донесе земјите од Западен Балкан во европскиот клуб, стои во најавата за Самитот за Западен Балкан на „Економист”.

Тој очекува плодни дискусии од кои ќе произлезат квалитетни заклучоци кои понатаму, како што наведува, ќе бидат имплементирани.

-Со особена чест и задоволство им посакав добредојде на учесниците на Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист”. Верувам дека утрешниот ден ќе биде уште една потврда за важноста од соработката и солидарноста за Западен Балкан на патот кон Европската Унија. Сите политики кои ги градиме се со цел – подобар животен стандард, предвидлив деловен амбиент за нови инвестиции и развој на пазарната економија. На утрешниот Самит, верувам дека ќе имаме плодни дискусии од кои ќе произлезат квалитетни заклучоци кои понатаму ќе бидат имплементирани, пишува премиерот.

Според него, развиен приватен сектор, развиени економии се клучот за успех и за земјите од Западен Балкан.

-Во таа насока, нашата заедничка соработка е од голема важност и на патот кон ЕУ. Да градиме мостови, да ги поврзуваме нашите народи и да веруваме со просперитетна иднина, наведува Заев.

Самитот е еден од клучните настани во регионот во организација на лондонски „Економист” како светски бренд, што оваа година има за цел да ја истакне потребата од структурни реформи и заемна соработка за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ што е во интерес на Европа како целина и справувањето со глобалните предизвици.

Слични содржини