Деп го возвраќа ударот: Поднесе нова тужба против Амбер Херд

од Vladimir Zorba

Холивудската sвезда Џони Деп во понеделникот наутро ја загуби судската постапка против неговата поранешна сопруга Амбер Херд и таблоидот „Сан“, а тој реши да ја продолжи судската борба – поднесе нова кривична пријава против Амбер.

Деп ја тужи Амбер за напис што го напиша во „Вашингтон пост“ за семејното насилство. Судскиот процес е закажан за мај 2021 година во САД.

Да потсетиме, на американскиот актер му беше отфрлена тужбата за клевета против таблоидот „Сан“, кој го опиша како „насилен сопруг“ против неговата поранешна сопруга Амбер Херд.

Издавачката компанија News Group Newspapers – NGN покажа дека она што го објавила е „суштински точно“ и затоа „тужителот не го добил својот судски спор“ за клевета, посочи судијата Ендру Никол во пресудата издадена од Високиот суд во Лондон. известува „Франс прес“.

Деп ја тужеше групата NGN, издавачот на весникот „Сан“ и извршниот уредник на весникот, Дан Вутон, за напис од април 2018 година, во кој тој е обвинет за напад на неговата сопруга Амбер Херд.

Елејн Чарлсон Брадофт, американската адвокатка на Амбер Херд, во изјавата рече дека пресудата „не е изненадување“ за секој што го следел судењето ова лето, пренесува АП.

„Наскоро ќе доставиме уште повеќе докази во САД“, напиша таа.

И Деп и Херд поминаа неколку дена како сведоци за време на тринеделното судење во Велика Британија во јули, давајќи извештаи за нивната бурна врска. Тие се запознаа на снимањето на комедијата „The Rum Diary“ во 2011 година и се венчаа во Лос Анџелес во 2015 година. Тие раскинаа следната година и се разведоа во 2017 година.

Херд (34) сведочеше како главен сведок на одбраната, изјавувајќи дека Деп се претворил во насилен човек когo го нарекуваше „чудовиште“ кога бил под дејство на алкохол и дрога. Таа тврдеше дека имало 14 одделни инциденти помеѓу 2013 и 2016 година, кога тој удирал, шамарал и турнал, и ја тегнел косата и фрлал шишиња кон неа. Наводните напади се случиле во луксузни средини, вклучувајќи го и нивниот луксузен пентхаус, приватниот остров на Деп на Бахамите и приватен авион.

57-годишниот Деп ги нарече обвинувањата „болни“ и „измамнички“ и тврди дека Херд е таа што била агресивна за време на нивната врска. Тој тврдеше дека Херд го удрила, дури и му го отсекла врвот на прстот со фрлено шише вотка за време на расправија во Австралија, додека се снимал филмот „Пиратите од Карибите“.

Деп призна дека користел дрога во големи количини, повикувајќи се на марихуана, кокаин, екстази и други дроги и дека станал зависник од опијати против болка. Но, тој негираше дека дрогата го натерала насилен.

„Јас сигурно не сум насилна личност, особено не со жени“, рече тој.

Херд инсистираше на тоа дека ја кажува вистината и дека излегува неволно во јавност.

„Која жена некогаш имала корист од тоа што е жртва на семејно насилство“, рече таа пред судот.

Адвокатот на Деп, Дејвид Шерборн, ја обвини за лажење, дека е неверодостоен сведок и дека неоправдано го користи движењето „MeToo“.

Пријатели и поранешни вработени зборуваа за двете страни да ја поддржат нивната верзија на настаните, а судијата требаше да одлучи која страна е поверодостојна.

Одлуката на судот претставува голем личен и финансиски удар за Деп, според АП.

Слични содржини