Дескоска уште разговара со помалите партии за Законот за ЈО, средбата неизвесна

од Aleksandar Todeski

Неизвесна е средбата за Законот за Јавно обвинителство на парламентарните групи, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ се уште нема поднесено амандмани. Во меѓувреме, како што дознава Локално, министерката за правда, Рената Дескоска продолжува со билатералните средби со помалите партии, со цел да се дојде до мнозинство од 80 пратеници и без ВМРО-ДПМНЕ.

Билатералните средби со помалите партии траат од утрово, а единствено опозициската партија нема поднесено амандмани, откако и по крајниот рок, кој беше вчера вечерта, тие не поднесоа свои забелешки.

Инаку во петокот се одржа средба на која учествуваа сите парламентарни групи, а по која пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кажа дека тие се расположени за средба во било кое време, но денеска истата ја одбиваат. Тој кажа дека и посочил на министерката Рената Дескоска заедно со експертите кои дадоа забелешки на Јавната дебата да ги донесе измените по нивните забелешки, односно околу 60 кои тие ги предочиле, но не ги преточиле во амандмани.

Според информациите до кои дојде Локално, доколку денеска нема средба, деновиве ќе има нов обид за средба на парламентарните групи, со цел да се дојде до консензус и да се изгласа Законот за Јавно обвинителство кој речиси две години е заглавен, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ одбива да гласа за истиот.

А.Т.

Слични содржини