Детектор: 43% од анкетираните граѓани се уште не извршиле промена на пасошот

од Vladimir Zorba

Најголем дел од граѓаните му дале чиста единица на процесот на обнова на личните документи и патни исправи, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 47,1% од анкетираните рекле дека генерално процесот на промена на документите го оценуваат со најниска можна оценка 1. Оценка 5 овој процес добил само од 5,9% од анкетираните, а средната оценка изнесува 2.07.

Според граѓаните, главен виновник за лошата организација на овој процес се надлежните институции, односно неподготвеноста на државата. Само 20,6% рекле дека одговорноста ја гледаат во граѓаните бидејќи не аплицирале навремено за документи.

Еден на четири граѓани рекол дека поради проблеми со постапката на обнова на документите морал да откаже веќе планирано патување, додека 66% од анкетираните го немале овој проблем.

Најголем проблем при патувањата очекувано имале граѓаните на возраст од 30 до 40 години, каде дури 36,4% од анкетираните морале да откажат патување бидејќи немале пасош.

Во моментов, најмногу граѓани немаат нов пасош, а најголем е бројот на оние кои извадиле нова лична карта.

Па така, 43% од анкетираните се уште не извршиле промена на пасошот. Уште 34% чекаат за промена на лична карта и уште 33% за возачка дозвола.

Над 63% од граѓаните веќе имаат нова лична карта, додека 43% имаат нов пасош и уште 43% нова возачка дозвола.

Повеќе од половина од граѓаните воопшто не се обиделе да закажат за нови документи.

Според последното истражување нешто под 53% од анкетираните до сега воопшто не аплицирале, а 43% веќе се пријавиле.

Две третини од граѓаните рекле дека имале тешкотии во процесот на закажување, додека ваков проблем немале нешто над 34% од анкетираните. Очекувано, најголем проблем со закажувањето имале граѓаните кои живеат во Скопје, а најмал во пелагонискиот регион.

Дури 26% од анкетираните се уште не успеале да закажат термин. Околу 31% рекле дека за закажување им биле потребни неколку дена. Околу 20% успеале да закажат термин за неколку часа а нешто над 20% за помалку од еден час.

Над 80% од граѓаните кои закажале термин, тоа го сториле преку телефон, додека апликацијата на интернет ја користеле само нешто над 15%. Очекувано помладите повеќе користеле онлјан апликации но тоа не е некој голем процент имајќи предвид дека меѓу најмладите до 30 години, само 21,6% аплицирале преку веб сајтот на МВР.

Над 70% од граѓаните сметаат дека рокот кој владата го остави за промена на документите со новото уставно име согласно Преспанскиот Договор беше соодветен, додека во спротивното се убедени 23,1% од анкетираните.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 18 до 22 февруари годинава.

Слични содржини