Девет европски новински агенции бараат повеќе пари за информациите објавени на интернет

од Vladimir Zorba
77 прегледи

   Директорите на девет европски новински агенции побараа од интернет гигантите на медиумите од кои објавуваат информации да им плаќаат поголем процент од приходите остварени од реклами. 

– Веќе неколку месеци во Европа и во европските институции во Брисел се води дебата за предлог-директива за авторски права, наведуваат директорите на деветте агенции во заедничка статија во францускиот весник „Монд“.

Според нив, со директивата на ЕУ првпат на европско ниво ќе се предвиди големите интернет компании да им плаќаат поголеми суми на медиумите за милионите информации што ги читаат корисниците на нивните платформи.

Авторите на статијата наведуваат дека интернет гигантите остаруваат огромни профити благодарејќи на медиумските информаци. Тие посочуваат дека Фејсбук лани тројно го зголемил профитот на годишно ниво на 10 милијарди долари, а Гугл остварил заработка од 20 милијарди долари при приход од 90 милијарди, во најголема мерка благодарејќи на преземањето на рекламите од традиционалните медиуми.

Во статијата се истакнува дека интернет гигантите привлекуваат голем број корисници со тоа што им ги нудат информациите бесплатно на своите сајтови.

– Фејсбук повторува дека има за цел да стане најголем медиум во светот. Но, ниту Фејсбук, ниту Гугл немаат редакции, ниту национални или меѓународни мрежи за собирање и креирање на информации. Тие немаат дописници во Сирија, кои известуваат за случувањата, изложувајќи ги своите животи во опасност. Немаат постојани дописништва во Зимбабве, за да увидат на лице место што се крие зад повлекувањето на Мугабе, се додава во статијата.

Авторите на текстот посочуваат дека „бесплатната информација е мит“, бидејќи во крајна линија „исплонувањето на мисијата за информирање на општеството чини многу пари“.

Ако дискусиите што се водат сега дадат резултат, Европската комисија ќе предложи воведување „сродно право“, кое ќе претставува дополнување на авторските права на новинарите во корист на медиумите со што ќе се надмине нееднаквоста. За да стапи во сила таа директива треба да биде одоберна од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

– Некои во Европскиот парламент изразуваат стравување дека оваа предлог-директива ќе го доведе во прашање правото на јавноста за бесплатно информирање. Да не се лажеме. Корисниците на интернетот во никој случај нема да бидат оштетени. Тие нема да плаќаат ништо повеќе утре од тоа што го плаќаат денес, се истакнува во статијата во „Монд“.

Како автори на текстот се потпишани генералните директори на Франс прес – Емануел Ог, на германската ДПА – Петер Кропш, на британската Прес асосиејшан – Клајв Маршал, на шпанската ЕФЕ – Хозе Антонио Вера, на италијанската АНСА – Џузепе Чербоне, на австриската АПА – Клеменс Пиг, на холандската АНО – Марсел ван Линген, на белгиската Белга – Патрик Лакора и на шведската ТТ – Јонас Ериксон, кој е и претседател на Европската алијанса на информативни агенции (ЕАНА)./MIA