Димитриевски: Не смее да има селективна правда за случајот 27 април

од Andreja Salpe

Во денешното Студио 10 на Телевизија 24, Димитриевски во однос на случувањата во Собранието на 27 април 2017 истакна дека некои лица кои учествуваа во тој настан денеска одговараат, но сценаристите или режисерите на настанот, како што кажа, не се тука, а треба да одговараат сите.

-Има пратеници кои се амнестирани, се сокрија зад политичките позиции кои ги имаа во тој момент, ние кои бевме таму најдобро знаеме и кој ги предводеше толпите. Оној што поттикнува, насочува е исто така одговорен. Имаше организирано сценарио. Или ќе имате процесуирано процеси за сите или ќе ги амнестирате сите. Но, тоа оставам на правосудните органи. Јавноста треба да знае што се случува. Тоа беше сплет на околности. Имавме една сцена каде се боревме за животот. Не им замерувам на оние кои психички и физички ме повредија, но многу повеќе им замерувам на оние кои го мотивираа сето тоа и го организираа. Да бидете во една ситуација да ја гледате полицијата како немо следи и набљудува што се случува, не интервенира и чека команда – прво, неморално е, неетички да седите како професионалец и гледате дека е загрозен животот, а вие не преземате ништо. Ги следам изјавите на сите мои колеги кои се учесници во целиот настан и ги оправдувам. Но, она што според мене е суштински и пресуден, многумина коишто тогаш не беа во тие тешки моменти во Собранието, денеска се во високи врвови на власта, водат сериозни ресори и се доживуваат себеси како поголеми херои од сите тие кои учествуваа во тие настани и имплементираат лоши политики, рече Димитриевски.

Тој додаде и дека дел од луѓето кои биле внатре и изложени на сите тортури и притисоци, повеќе ги нема или не се застапени во кој било сегмент од власта, а тоа, оцени, е голем пропуст и таа грешка мора да се поправи во иднина.

Димитриевски информираше дека како градоначалник има над 40 истраги од МВР, обвинителството. Според него, истрагите се завршени, нема процесуирано постапка. Тој додаде дека службите и тој работат, како што истакна, професионално, согласно законот. Кумановскиот градоначалник рече дека општината побарала од Државниот завод за ревизија да изврши контрола и ревизија на работењето на општината, на јавните претпријатија за да види, како што подвлече, дали случајно некаде има грешка, истакнувајќи дека поинаку е да се погреши со умисла, а поинаку по грешка. Во исчекување на извештајот од ревизијата, Димитриевски очекува професионалците да ја завршат работата за да нема како што рече пуштени спинови во одредени медиуми.

Тој истакна дека таков бил случајот со тужбата против ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тогашен претседател на општинско ниво кои одржаа прес-конференција за настан во кој бил нападнат на семејна веселба. Димитриевски потврди дека му е уплатен еден денар оштета, а сега го чека извинувањето.

– Тоа е некоја морална сатисфакција за да се види вистината. Ист е случајот и со поднесената кривична пријава во однос на КОВИД-кризата кога бев заедно со членови од штабот ставен во самоизолација, а подоцна направивме тестирање. Истиот случај беше отфрлен од страна на Основно јавно обвинителство. Се води обвинение против службени лица во Обвинителство за организиран криминал во коешто имам искрено голема доверба како обвинителска институција во државата и ја поздравувам нивната работа. Сите процесуирани предмети ќе се водат по закон, затоа што законот е единствен којшто треба да ја има суштинската улога во делот на заштита на правата и на можностите на сите единки кои живеат во државата. Македонија треба да направи сериозен правосуден систем, сериозни трансформации и точно да се знае кој и како може да го работи согласно законот, рече Димитриевски

Слични содржини