Димитриевски за Акцискиот план на Георгиевски: Под итно да го врати македонското државјанство и да се извини на народот

од Nikola Popovski

„Акцискиот план кој што вечерва го предложи поранешниот Премиер Љупчо Георгиевски е срамен и понижувачки за Македонија и Македонскиот народ“, смета градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Според него, овие ставови директно ги разнебитуваат нашите Македонски корени, ги поткопуваат столбовите на постоењето на Македонската држава, историја, јазик, идентитет и култура со конечна цел декодифицирање на македонизмот.

„Доколку кај поранешниот премиер постои малку доблест и свест под итно треба да го врати Македонското државјанство и да се извини на целиот Македонски народ.

– Го повикувам јавното обвинителство екс официо да отвори случај, спроведе истрага и доколку утвртди одговорност за ваквиот предлог кој е против уставен да поднесе кривична пријава за дело против државата и поткопување и уривање на уставниот поредок.

– Јас сум еден од многуте граѓани во државата кој секогаш и секаде бескомпромисно ќе се спротивстави на ваквите утопистички ставови.

Во оваа прилика ќе потсетам на зборовите на Гоце Делчев:

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како Македонскиот“, стои во Фејсбук статусот на градоначалникот.

Поранешниот премиер, Љубчо Георгиевски, на Фејсбук оценува дека македонското-бугарските односи се движат кон нов ќорсокак и кон нова ескалација на сите нивоа. Според него последиците може да бидат долгогодишна омраза помеѓу двата народа и затоа дава предлог-акциски план како да се излезе од оваа ситуација.

Слични содржини