Димитров: Јапонија е земја на инспирација и иновација

од Берта Китинска

Во фоајето на НУ Национална опера и балет (НОБ) денес се одржа прес-конференција по повод реализацијата на проект од јапонската програма за развој на културата во висина од 79.800.000 јапонски јени (663.000 евра) што во целост беше финансиран од Владата на Јапонија, а беа набавени музички инструменти за музичарите, опрема за озвучување и осветлување за потребите на Националната опера и балет.

Координацијата и испораката на оваа донација како странска помош беше спроведена преку Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија, Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАЈКА) и Министерството за култура. Во својство на национален координатор за странска помош, вицепремиерот Димитров нагласи дека Јапонија е традиционален пријател и донатор на Северна Македонија во повеќе области, а со овој проект се продлабочува културната соработка помеѓу двете земји.

„Јапонија е земја на инспирација и иновација, што географски е далечна од нас, но со поддршката од јапонската Влада, посветеноста и подготвеноста за соработка на Амбасадата и Јапонската агенција за меѓународна соработка, успешно се реализираат проекти преку кои се зближуваат нашите граѓани. Со овој проект во областа на културата верувам дека врските помеѓу двете земји дополнително ќе се зајакнат, како пример за глобално поврзување,” кажа Димитров.

На прес-конференцијата се обрати и јапонскиот амбасадор Н.Е. Савада Хинорори којшто истакна дека во рамките на Иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е сериозно посветена во поддршката за Северна Македонија кон одржлив економски и социјален развој, клучен за интеграцијата во Европската Унија. Тој посочи дека од 2001 година навака, ова е втор грант што Јапонија го доделува на Северна Македонија во полето на културата, имплементиран од страна на ЏАЈКА: „Освен за подобар перформанс на Националната опера и балет, би сакал оваа културна размена да придонесе и за размена на уметници“- заклучи амбасадорот Савада.

Заблагодарувајќи се за донацијата, во таа насока и министерката за култура Ирена Стефоска посака што поскоро на сцената на НОБ да настапат нашите и јапонските уметници: „Оваа донација ќе ги мотивира уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката, па дозволете ми, вредноста на оваа донација да ја опишам со три збора – мотив, квалитет, аплауз“ – додаде министерката Стефоска.

Претставникот на ЏАЈКА за овој регион Такеичи Џиро го изрази своето задоволство од оваа соработка со која се потврдува желбата за културна размена и поврзување.

Директорот на НОБ Васо Ристов се заблагодари на сите вклучени страни за успешната реализација на овој проект што претставувал голем предизвик за целиот тим, но отвара нови можности за соработка и унапредување на квалитетот на изведбите.

Слични содржини