„Ние мораме да ѝ помогнеме на Северна Македонија, не смееме да бидеме само набљудувачи, Грција треба да се вклучи како медијатор во надминување на проблемот со Бугарија“, порачала вчера на Делфи форумот истакнатата грчка интелектуалка и професорка, деканка на Факултетот за меѓународни студии, комуникација и култура на Универзитетот Пантеон во Атина, Марилена Копа, која ја критикувала грчката влада дека не прави доволно за да ѝ помогне на Македонија на европскиот пат.
Овој говор на Копа, во кој таа потенцирала дека грчката политика има интерес активно да ја поддржи Македонија, го разлутило бугарскиот претставник во публиката па тој реагирал дека немало што Грција да се меша и да помага, оти прашањето е затворено и сега Македонија морала да си испорача и да го почитува компромисот.
На тоа следуваше реакција од претседателот на “Солуција” Никола Димитров:
„Нема компромис, има пакет којшто не донесе решение. Компромис е решение кое двете земји ќе ги направи несреќни, кога едната страна е еуфорична и слави тоа не е компромис. Овде компромис нема. Прашањето не е решено. Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Знаете што рекол Черчил – колку и да мислите дека ви е добра стратегијата, не е лошо одвреме – навреме да си ги погледнете резултатите. А резултатите од вашата стратегија се тажни – најлоши односи меѓу двете земји што некогаш сме ги имале”.
Димитров на панелот посветен на прашањето дали Европа може да испорача безбедност во своето источно соседство, зборувал дека ние сме земја ветеран-кандидатка за членство и дека во нашиот пример најдобро се гледа како процесот на проширување не функционира:
“Има сериозна дупка со кредибилитетот во процесот. Ние сме земја кандидат од 2005, а денес не сме поблиску од што сме биле тогаш. Процесот е маргинализиран после влезот на Хрватска, а сега е вратен на дневен ред поради Украина, оти е дел од безбедносниот контекст. Очигледно е дека на Европа ѝ треба Украина за безбедноста, Украина исто така разви и воени капацитети во последниве години што ѝ требаат на Европа и многу е важно да се испорача европската иднина на Украина и Молдавија.
Но, дали тоа ќе се случи е прашање. Очекувања има, ама тоа не е доволно. Ние можеме да го искористиме нивниот ентузијазам, а тие треба да го искористат нашето искуство во менаџирање на очекувањата”, кажа претседателот на Солуција.
Димитров се осврнал и на глобалните проблеми со општата несигурност во светот денес и сите геополитички и безбедносни превирања и предизвици:
“Зборуваме тука во сала што се вика Дафне, Дафне од митологијата може многу да нѐ научи за преобразба. Точно тоа ни треба во светот денес – трансформација кон вистинските вредности”, додал тој.