Директорката на групниот дом во Визбегово: Ги заштитивме децата за да не ја трпат емоционалната тортура

од Vladimir Zorba

Децата од малиот групен дом од Визбегово ги прашале воспитувачите дали соседите навистина не ги сакаат, поради што за време на протестот организиран против нив тие мора да одат на друго место за да бидат заштитени. Ова го изјави директорката на трансформираните установи „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, Виолета Масевска Палиќ која истакна дека нејзина и должност на нејзините колеги е да се грижат за децата и да ги заштитат од омраза.

„Ние се грижиме за секое дете и му го посветуваме целото внимание. Не сакавме малолетните деца да ја слушнат омразата и гневот насочен кон нив, затоа во овој момент додека трае протестот тие се однесени на место каде што се прифатени од околината. Ги заштитивме за да не ја трпат емоционалната тортура. За жал децата се свесни за ова што се случува тука и веќе патат. На заминување ме прашаа: Дали соседите не не сакаат?„ рече Масевска Палиќ.

Таа изјави дека навистина и е жал што дел од општество се уште не е зрело да се грижи и да ги прифати децата коишто во животот имале помалку среќа.

„Овде во Визбегово на само неколку километри од нашата метропола се кренаа на нозе дел од жителите затоа што државата на три деца им обезбеди подобри услови за живот и им ја пружа потребната поддршка и грижа попосветено од било кога да станат добри граѓани. Замислете, образложението е дека децата не се достојни да живет во нивната како што ја нарекуваат приватна населба“, рече Масевска Палиќ.

Директорката посочува дека дека групниот дом во Визбегово не е затвор, туку, дом во каков што живеат сите. Овој дом функционира според воспоставен куќен ред, а трите деца имаат 24 часовен надзор од стручни лица и се вклучени во различни едукативни програми.

Малите групни домови се дел од процесот на деинституционализација што го спроведува Министерството за труд и социјална политика. Според податоците на МТСП процесот тече подобро од очекуваното. Една година порано од предвиденото повеќе нема деца во институции од 0 до 3 години, а до крајот на годината се очекува да бидат деинституционализирани и уште неколку деца на возраст од 3 до 18 години со што сите деца ќе бидат сместени во групни домови налик на топол семеен дом.

Слични содржини