ДКСК бара одговорност од Спасовски поради техничкиот преглед на автобусот на Беса Транс

од Nikola Popovski

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со ненавремено донесено решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа Комерц“, станица во која по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса Транс“ во чиј автобус во несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени.

Комисијата утврдила дека министерот не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, тој не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку истата ја издал по три месеци од добиениот извештај, односно три дена по несреќата во Бугарија.

Оттаму посочија дека сè уште не е утврдено дека сообраќајната несреќа се случила поради техничка неисправност на автобусот.

Пред речиси месец дена поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска изјави дека врз нејзината суспензија од работата влијаел предметот со станицата за технички преглед „Виа комерц“.

-Мене ме суспендираа, затоа што јас не прифаќав притисоци и влијанија. Пријавата се однесуваше на тоа, некаде околу 12-13 јули 2021 година одговорните за управни работи извршиле контрола на станицата за технички преголед, констатирале неправилности, изготвиле решение за затворање на станицата, а решението е потпишано три дена по несреќата (несреќата се случи на 23 ноември 2021 година, нов. заб.). Според закон требало да биде потпишано во рок од 15 дена, рече Рускоска во подкастот и потврди дека таа инспекција ја води МВР, а решението го потпишува министерот.

Спасовски тогаш порача дека ниту учествувал или разговарал, ниту сака да се меша во одлуки кои ги носат Советот на јавни обвинители или Судскиот совет.

Слични содржини