ДКСК оформи предмет за договорот на Владата за лиценци и сервис

од Nikola Popovski

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет во врска со набавката на лиценци од страна на Владата, на што неколку дена упатува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Предметот е отворен по анонимна пријава, информираат од Антикорупциска.

Во пријавата се наведува дека „Генералниот секретаријат потпишал договор со ‘Мајкрософт’ за лиценци и сервиси во вредност од речиси 26.000.000,00 евра“.

-Предметот, во согласност со Деловникот за работа на ДКСК, е распределен за работа и постапувањето по него е во тек, појаснуваат од ДКСК.

Денеска портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Наум Стоилковски ја повика Антикорупциската комисија да отвори предмет во врска со набавка на лиценци од страна на Владата на Република Северна Македонија, со наведување дека „како е можно 40 милиони евра да се даваат за лиценци на фирма каде што доминира колега на премиерот“.

-Веќе 10 дена чекаме ДКСК да пројават интересирање како е можно 40 милиони евра да се даваат за лиценци на фирма каде што доминира колега на премиерот, па ДКСК да одговори дали тоа не е основа за сомнеж за корупција? Очекуваме ДКСК да се произнесе и за првиот и за вториот тендер за оваа фирма, односно зошто е направен тендер на 15 милиони евра, со намалени услови пред три години? И веднаш потоа, по неполни 3 години, за истите услуги, 25 милиони евра, односно 10 милиони евра повеќе?, рече Стоилковски.

СДСМ утринава преку соопштение порача дека ВМРО-ДПМНЕ изминатите денови пласира целосни лаги и невистини за набавката на софтверски лиценци од реноминаран производител, преку законска постапка, за потребите на државните институции.

-Очигледно Мицкоски смета, дека ние треба да сме единствената држава, за која е оправдано да “краде” софтвери, да не ги лиценцира и да го става под ризик целокупното функционриање на владините органи и институции. Дали според ДПМНЕ користењето на пиратски софтвер е подобро од користењето на уредно лиценциран софтвер? Дали од ДПМНЕ на своите компјутери, имаат инсталиран пиратски софтвер, прашаа од партијата на власт.

Слични содржини