Драма во Црвеното Море: Товарен брод се запали по удар на проектил од Јемен

од Stefanija Kuzmanovska

Товарен брод под либериско знаме се запали во Црвеното Море откако беше погоден од проектил од Јемен, од територијата под контрола на Хутите, изјави анонимен претставник на американската одбрана, како и приватната разузнавачка фирма „Ембри“.

„Проектилот наводно ја погодил левата страна на товарниот брод ‘Ал Џасра’ и еден контејнер паднал во морето од ударот. Овој проектил исто така предизвикал пожар на палубата“, соопшти „Ембри“.

Нападот на бродот „Ал Џасра“ дополнително ја ескалира кампањата на бунтовничкото движење Хути, поддржано од Иран, кое ја презеде одговорноста за серијата ракетни напади во последните денови во стратешкиот теснец Баб ел Мандеб, на влезот во Црвеното Море.

Хутите се уште не ја потврдиле нивната вмешаност во нападот на овој товарен брод, пренесува АП.

Со „Ал Џасра“ управува германската компанија Хапаг, за која „Ембри“ тврди дека „има канцеларии во израелските пристаништа Ашдод, Хаифа и Тел Авив“.

Нападите на Хутите, вклучително и напад на друг товарен брод во четвртокот и комерцијален танкер еден ден претходно, се вели дека се одговор на воените дејствија на Израел во Појасот Газа, иако врските со бродовите кои се цел на бунтовниците се слаби или не постојат.

Речиси 10 отсто од вкупната количина на нафта со која се тргува по морски пат поминува низ теснецот Баб ел Мандеб, како и стоки во вредност од околу илјада милијарди долари годишно.

Глобалниот превоз станува сè поризичен поради можноста војната меѓу Израел и Хамас да се прошири и во другите земји во регионот, а ризиците дополнително се зголемија по завршувањето на привремениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Слични содржини