ДУИ: Пораката од средбата со Вајмарската тројка е јасна – ако сакаме да ѝ се спротивставиме на Русија, ќе гласаме „за“ уставните измени

од Nikola Popovski

Главната порака од средбата со претставниците на Вајмарската тројка беше јасна – ако сакаме да ѝ се спротивставиме на Русија, ќе гласаме за уставните измени, со што ќе го отвориме патот за членство на Северна Македонија во ЕУ и ќе го подобриме стандардот на граѓаните, изјави пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми за медиумите по средбата со државниот секретар за Европа во Советот на министри на Франција Лоренс Бун, германската министерка за Европа и клима Ана Лирман и полскиот министер за ЕУ ​​Шимон Шинковски вел Сенк.

Тој средбата ја нарече конструктивна и посочи дека очекува сите политички партии да ги усогласат своите политики кон перспективата на развојот на Северна Македонија, а не кон своите теснопартиски интереси поврзани со изборите.

Адеми рече дека на средбата, претседателот на Собранието Талат Џафери посочил дека фокусот не треба да биде на историските прашања, туку на отворањето нови можности и перспективи за граѓаните на Македонија.

Според него, во Собранието има опозициски политички партии кои „без двоумење ќе гласаат за европската иднина на земјата“.

На средбата со Бун, Лирман и Шинковски вел Сенк, кои вчера допатуваа во Скопје, покрај Џафери учествуваа и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијансата за Албанците и претставници на Алтернатива и БЕСА.

Слични содржини