Кога ќе се повлече линијата, ќе се памети дека Кевин Дурaнт беше еден од најуникатните играчи во НБА. Можеше ли да освои повеќе, а остана ли дамка од заминувањето од Оклахома и доаѓањето во и онака моќниот Голден Стејт? Секако. Сепак, има уште време популарниот КејДи да се закити со шампионски прстен.
И покрај тоа што има веќе 36 години, сепак е еден од најдобрите стрелци во американската лига, а има аспирации за повторно да освои шампионска титула, иако неговиот тим Феникс Санс сезонава релативно се мачи.
Каква рапсодија би било да се види еден од најдобрите играчи на 21 век како игра на Стариот континент! Самиот Дурант во неколку наврати изјави дека би сакал да ја заврши кариерата во Евролигата играјќи за Барселона, а за тоа повторно проговори на Ол-стар викендот.
„Дали е тоа сè уште можно? Не знам. Се сомневам. Играм во НБА, но ја сакам и Евролигата“, изјави Дурант.
Потоа беше прашан за кој тим би сакал да игра, на што тој рече дека освен во Барселона, може да се види и во Монако.
„Барселона би била добро место, но и Монако“, краток беше Дурант.
За потсетување, во Монако игра Мајк Џејмс, кој има долгогодишно блиско пријателство со кошаркарот на Феникс Санс. Можеби наскоро ќе започне преговори, а ние ќе добиеме шанса да го видиме последниот танц на еден навистина голем кошаркар.