Две линии во одвоени ленти, постојки на секои 600 метри: Арсовска објави детали од Брзиот автобуски превоз

од Nikola Popovski

По две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем. Вака денеска објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, споделувајќи детали од приектот.

Според неа, системот за Брз автобуски превоз добил зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ.

-Во основниот идеен проект беа истакнати детектираните сериозни пречки за реализација, кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација се надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект, информира Арсовска.

Градоначалничката објави дека предвидени се две градски линии – од Ѓорче Петров до Лисиче и од Пинтија до Бутел и дека ќе се стига за 35 минути. Предвидено е да има движење без застој во две посебни ленти, со постојки на секои 600 метри. Исто така е нагласено дека се предвидува зголемен капацитет на седишта.

Арсовска дека Градот Скопје и покрај сите блокади продолжува со заложбите кои ќе им овозможат на граѓаните модерен и навремен јавен градски превоз, надминувајќи ги проблемите со кои се соочува и ЈСП и граѓаните кога станува збор за градскиот превоз.

-Во нашите искрени заложби за модерен и еколошки градски превоз нема да не сопрат ниту блокадите во Советот на Град Скопје ниту структурните проблеми со кои се соочува ЈСП, а се наследени од претходните раководства на претпријатието. Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато. Затоа е важно се што е во интерес на граѓаните да се реализира, а тие да добијат градски превоз како што доликува на главниот град, стои во објавата на градоначалничката.

Во април 2021 година  тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и претставникот на Европската банка за обнова и развој го потпишаа Договорот за „Брзи автобуси“ во Скопје ( Бас Рапид Транзит превоз), во износ од 70 милиони евра.

Со проектот требаше да се воспостават две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. За трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче долга 12,80 километри во една насока, се предвидени 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што требаше  да биде изграден нов терминал.  Шилегов тогаш најави дека најдоцна до крајот на 2024 година во Скопје ќе треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија од „трамвајот на тркала“ ќе се пушти во употреба во 2025 година.

Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно. Со имплементацијата на БРТ, се очекуваше времето на патување со јавниот превоз во Скопје од сегашните 70 минути, да се преполови на 35 минути.

Слични содржини