ДЗС: Попишани се над 22.000 граѓани од дијаспората

од Nikola Popovski
Од Државниот завод за статистика информираат дека динамиката на попишување се одвива успешно.

Според нивните податоци, досега се попишани над 22 илјади лица од дијаспората.

Од оваа институција реагираат на, како што велат, низата шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција.

„Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно ниту, пак, видовме каков било доказ или print screen за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви приспособувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец, кој пред законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци“, стои во писмената реакција од Државниот завод за статистика.

Од таму додаваат дека внесените податоци од друга ИП-адреса преку VPN-врска на апликацијата за самопопишување не претставува дополнителен ризик за апликацијата, туку одговорнoст за самиот попишувач.

Истовремено, ја потсетуваат јавноста дека компанијата што ја изработи апликацијата за самопопишување, во согласност со Законот за пописот, е направена по светски стандарди и не може да биде одговорна за погрешно пополнети податоци од самопопишувањето.

„Ова, потенцираме уште еднаш, е одговорност на самите граѓани што ги внесуваат своите податоци, а тоа и е утврдено со законот. Да бидеме одговорни и заеднички да придонесеме за успешен попис“, апелираат од Државниот завод за статистика.

Слични содржини