Една година од трагичниот настан во Бугарија во кој загинаа 45 македонски граѓани

од Nikola Popovski

Помина една година од трагичната несреќа во која учествуваше патнички автобус на „Беса Транс“ на автопатот Струма во Бугарија, во која загинаа 45 лица од земјава, меѓу кои возачот и 12 деца. Седум лица беа повредени.

Несреќата се случи нешто по 02:00 часот на 23.11.2021 година на 31-от километар од автопатот, кај селото Бошнек. Туристичкиот автобус, во кој патувале 52 лица, удрил во заштитната ограда, се запалил и целосно изгорел.

Автобусот, сопственост на компанијата „Беса Транс“, се враќал од Истанбул и патувал за Скопје. Тоа беше последниот од четирите автобуси на компанијата кои ја изведоа турата. Истрагата за инцидентот беше доверена на бугарската Национална истражна служба. Првичните заклучоци се дека виновен бил возачот на автобусот кој управувал со голема брзина.

Истрагата на бугарско обвинитeлство не е затворена. Роднините на настраданите имаат право да направат увид во доказите, по што случајот, кој во моментот е запрен, може да биде затворен. Исто така бугарскиот главен обвинител побарал проверка на квалитетот на патот на кој се случи несреќата, но независно од наодите, тоа не ја менува досегашната теза дека вината е кај возачот.

Во Основниот кривичен суд – Скопје на 15-ти ноември започна судењето за „Беса Транс“. Управителот, Беким Хаџиу е обвинет за фалсификување извод од лиценца за вршење меѓународен патен сообраќај, рече дека не се чувствува виновен.

Според обвинителството, со фалсификуван изводот од лиценца за меѓународен сообраќај автобусот лани во периодот од 10 јануари до несреќата во ноември 20 пати излегол од државата. А, најмногу, односно 10 пати поминал на „Деве Баир“ и возел на релација од Скопје кон Истанбул.

Во август оваа година роднините на починатите поднеле барање за отштета од 750.000 евра против бугарската Агенција за патна инфраструктура и Бугарското здружение на осигурителни возила. Тезата на адвокатот на роднините на жртвите е дека во моментот на несреќата имало голем број технички неисправности на коловозот, погрешни ознаки и знаци, неквалитетни заштитни огради и асфалт, што влијаело на сообраќајната незгода.

Поради фактот дека несреќата се случила на територија на членка на ЕУ, законски наследници на загинатите македонски граѓани можат да ги искористат лимитите за осигурување во земји-членки на ЕУ, каде тие се до 12 пати поголеми.

Слични содржини